Рекордно високите температури во изминатите месеци го земаа својот данок. Во четвртокот на Гренланд 11 милијарди тони мраз се претвориле во вода која се излеала во океанот.
Количината на вода што се одмрзнала во четвртокот може да наполни 4,4 милиони олимписки базени.
Мразот на Гренланд постојано се топи во последните четири месеци, поради рекордно високите температури. Ледената покривка на Гренланд само во јули загубила 197 милијарди тони мраз.
Научникот Рут Мотрам од данскиот метеоролошки институт за Си-Ен-Ен изјави дека очекуваниот просек во ова време од годината би изнесувал топење на 60-70 милијарди тони мраз.
Топлотниот бран што ја зафати Европа минатата недела стигна и на Арктикот и научниците велат дека може да предизвика едно од најголемите топења на мразот на Гренланд од 1950 година.
На глобално ниво, овој јули беше најтопол од сите месеци во историјата.