Данската разузнавачка служба денеска соопшти дека терористичката организација „Исламска држава“ можеби е одговорна за убиството на двете скандинавски туристики во Мароко.
Телата на двете жени од Данска и Норвешка на возраст од 24 и 28 години беа пронајдени во понеделникот на изолирана локација во близина на градот Имлил на пат кон врвот Тубкал – највисокиот во Северна Африка и омилена дестинација за планинари. Двете жени биле на едномесечен одмор во Мароко.
За убиството е уапсен еден осомничен за кој мароканското Обвинителство веќе објави дека е член на екстремистичка група без да прецизира која. Во Маракеш денеска се уапсени и тројца негови соучесници за кои Обвинителството соопшти дека се поврзани со радикални исламисти.
– Многу работи сега покажуваат дека убиствата можеби биле политички мотивирани иако станува збор за терористички чин – изјави денеска данскиот премиер Ларс Локе Расмусен и ги осуди убиствата на двете жени.
Данската разузнавчката служба во соопштение истакна дека видео и првична истрага на мароканските власти покажале дека убиствата можеби се поврзани со терористичката организација Исламска држава.
Премиерката на норвешка Ерна Сулберг го осуди убиството и го нарече „брутален и бесмислен напад“.
На интернет беше објавена видео снимка на која е прикажано убиството на една од двете туристки. По извршената проверка данското разузнавање ја потврди неговата автентичност.