Не постои сила на светот што е доволно моќна да го натера извршниот директор на „Фејсбук“, Марк Закерберг, да полага сметка, пишува Керол Кадвалар за „Обсервер“. Ниту едно законодавство, агенција за спроведување на законот или регулатор не може да го стори тоа. Конгресот на САД не успеа да го стори тоа, ниту пак Европската Унија, пренесува „Гардијан“.
Кога Федералната комисија за трговија го казни „Фејсбук“ со рекордни 5 милијарди американски долари за улогата во скандалот „Кембриџ аналитика“, нивната цена на акциите всушност се зголеми. Тоа е она што го прави овој момент толку интересен и, можеби, епохален.
– Да потсетиме дека „Фејсбук“ дозволи олеснување за напад на изборите во САД од страна на странска сила, потоа на нивната платформа во живо беше емитуван масакар, кој исто така беше достапен за милиони членови низ целиот свет да го гледаат, и на крај, помогна да се поттикне геноцид. Во извештајот на Обединетите нации се вели дека „Фејсбук“ одигра значајна улога во поттикнувањето на геноцидот врз муслиманите во Ракајн, држава во Мјанмар, каде десетици илјади луѓе беа убиени, а стотици илјади мораа да имигрираат за да си го спасат животот – вели Кадвалар.
Таа честопати размислува за тоа каква компанија е „Фејсбук“ и каква е нивната улога во случувањата насекаде низ светот, а се потсетила и на други примери поврзани со компанијата. Марија Реса, новинарка од Филипините, која стори толку многу за да предупреди за штетите на „Фејсбук“, беше осудена на затворска казна. Поранешниот британски вицепремиер Ник Клег минатата недела напиша дека „платформите како Фејсбук држат огледало во кое се огледува општеството“.
– Фејсбук не е огледало. Тој е пиштол. Нелиценциран пиштол кој не подлежи на закони или контрола, тој е во сечии раце и се наоѓа во домовите на 2,6 милијарди луѓе, тој е лабораторија за групи кои го фалат холокаустот, но и за такви кои веруваат дека 5Г мрежите ќе ги пржи нашите мозоци додека спиеме – смета Кадвалар.
Луѓето понекогаш велат дека кога Фејсбук би бил земја, би била како земја поголема од Кина. Но, ова е погрешна аналогија. Ако Фејсбук беше земја, ќе беше Северна Кореја. А тоа не е пиштол. Тоа е нуклеарно оружје. Бидејќи оваа компанија е автократска, наликува на диктатура, или глобална империја која е контролирана од еден човек. Човек кој дури и откако доказите за предизвиканите штети станаа непобитни и неоспорни, едноставно одлучи да ги игнорира своите критичари ширум светот.
Наместо тоа, Марк Закерберк дозволи продолжување на рекламирањето немилосрдни, неверојатни, сè понагласени пропаганди додека ги контролира главните канали за дистрибуција на вести. Познато ни е дека скоро е невозможно во денешно време да се живее живот недопрен од платформите Фејсбук, Инстаграм и Ватсап.
Кампањата #StopHateForProfit, која беше фокусирана на говорот на омраза, обедини шест американски организации за граѓански права во САД да лобираат на огласувачите да ги „паузираат“ своите реклами за јули. Кампањата беше забрзана поради одлуката на „Фејсбук“ да не ја отстрани објавата од Доналд Трамп, во која тој со закани поттикнуваше насилство врз демонстрантите на „Црните животи значат“. Во објавата пишуваше „Кога грабежите започнуваат, започнува пукањето“.
Но, ова е многу поголем проблем од проблемот на Фејсбук со омразата. И тоа е далеку поголем проблем и за САД, иако улогата што ќе ја одигра на изборите е клучна. Штетите предизвикани од Фејсбук се глобални. Да не се заборави и опасноста поврзана со коронавирусот. Доколку во иднина биде пронајдена вакцина, дали доволно луѓе ќе сакаат да ја примат? Фејсбук е преполн со „анти-ваксери“ кои не веруваат во вакцините, на ист начин како што е заразен и со антисемитизам.
– Закерберг не е Ким Јонг-ун. Тој е многу, многу помоќен. „Моја претпоставка е дека сите компании кои решија да бојкотираат ќе се вратат на платформа за многу брзо време“, рекол тој на неговите вработени минатата недела. И покрај тоа што 500 компании се придружија на бојкотирањето, „Волстрит журнал“ известува дека ова претставува само 5 отсто намален профит за „Фејсбук“. Закерберг одбил да подлегне на нивните барања, сметајќи дека приходите од „Кока-Кола“ и „Старбакс“ се само мал дел од приходите на неговата компанија. На крајот ќе испадне дека „Фејсбук“ не е само поголем од Кина, туку е поголем од капитализмот – пишува Кадвалар.
Затоа, светот мора да разбере дека нема кој да дојде на помош кога станува збор за моќта на Закерберг. Само САД имаат моќ да ги скратат крилјата на компанијата. А само „Фејсбук“ има моќ да со спречи ширењето на лагите на Трамп, со кој изгледа како Закерберг да направил „нескршлива алијанса“.