Саудискиот државјанин, уапсен вчера на аеродромот во Париз под сомнение дека е поврзан со убиството на новинарот Џамал Кашоги, е ослободен откако властите заклучиле дека станува збор за погрешен идентитет, соопшти денеска париското обвинителство.
Обвинителите во соопштението наведоа дека проверките покажале оти наредбата издадена од Турција, која го иницираше апсењето кога пасошот на мажот беше скениран за време на граничните проверки, не се однесува на човекот уапсен на аеродромот, пренесува „Ројтерс“.
Опсежните проверки на идентитетот на ова лице покажале дека не се бара, па затоа е пуштен на слобода“, се вели во соопштението на обвинителството.
Амбасадата на Саудиска Арабија во Париз вчера соопшти дека уапсениот „нема никаква врска со предметниот случај“ и дека треба веднаш да биде ослободен.