Европската унија сака да избегне трговска војна со САД, но подготвена е да ги брани своите интереси и да одговори на секоја еднострана одлука на САД со противмерки, изјави синоќа германскиот министер за економија Петер Алтмајер.
– Мислам дека војните, во принцип, не се добра идеја, па ниту трговските, бидејќи на крајот сите губат- изјави Алтмајер во емисија на телевизијата ЗДФ.
Тој истакна дека поради тоа целта е да се избегне трговска војна и спорот со САД да се реши со договор за пониски царини. Сепак, германскиот мкинистер е категоричен дека доколку официјален Вашингтон одлучи еднострано да ги зголеми царините, Брисел ќе одговори со противмерки.
Американскиот претседател Доналд Трамп во февруари најави дека САД ќе воведат царини на европските автомобили доколку не биде постигнат трговски договор со ЕУ.