Европската унија е подготвена да разговара за тарифите за автомобили, но нема да ги тргне царините на земјоделските производи во преговорите за слободна трговија со САД, изјави денеска европската комесарка Сесилија Малмстром.
Европската комисија, која ја координира трговската политика на 28 земји-членки на Унијата, денеска ги претстави своите предлози за преговарање, во кои се наведува дека ЕУ „ќе биде строго фокусирана на отстранување на тарифите за индустриски производи“, но не и укинување на тарифите за земјоделски производи.
Малмстром исто така изјави дека подготвува список со американски производи за кои ќе се воведат казнени мерки, доколку администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ја реализира заканата за воведување такси за европската автоиндустрија.
Комесарката нагласи дека ЕУ не планира да ги обнови сеопфатните преговори за Трансатлантската трговска спогодба, поради која порано протестираа неколку илјади Европјани.