Поранешниот германски министер за надворешни работи Зигмар Габриел, изрази загриженост дека Европската Унија (ЕУ) може да се распадне доколку не постои солидарност во борбата против пандемијата на коронавирусот. Габриел за „Билд“ изјави дека Германија треба дополнително да се задолжи за да може финансиски да им помогне на Италија и на Шпанија да ја надминат кризата.
– Некој треба да ми објасни зошто Германците, во моментот на задолжувањето до кое дојде, не ставија ниту еден процент на располагање на Италија и на Шпанија за да ѝ помогнат на економијата. За тоа би требало да бидат одвоени 10 проценти. Не верувам дека би имало многу побуна кога наместо 150 би се задолжиле со 160 милијарди евра – рече Габриел. Поранешниот министер смета дека Германија има голема корист од ЕУ, додавајќи дека се плаши за опстанокот на Унијата.