Рускиот претседател Владимир Путин денеска во Москва се сретна со својот турски колега Реџеп Тајип Ердоган заради зделката за против-воздушна одбрана, која го предизвика гневот на Вашингтон, јави ДПА.
Со зајакнувањето на врските меѓу Русија и Турција, билатералната трговија порасна за 15 отсто и достигна 25 милијарди долари, изјави Путин на средбата со Ердоган во Кремљ.
– Денеска ќе потпишеме три договори. Со нив ќе направиме чекор нанапред- изјави Ердоган, дополнувајќи дека целта е трговската размена меѓу двете земји да изнесува 100 милијарди долари.
На средбата Путин го истакна гасоводот Турски тек, наменет за транспорт на природен гас од Русија во Турција преку Црното Море и првата нуклеарна централа во Турција, Акују, за чија изградба помага и Русија. Тој ги спомена и културните односи меѓу двете земји.
– Заедничката година на културата меѓу Турција и Русија- почнува вечерва, истакна Путин.
Руските медиуми информираат дека Путин и Ердоган ќе присуствуваат на турската продукција на операта „Троја” во московскиот престижен Бољшој театар, со што ќе започне годината на културна размена.
Односите на Анкара со Вашингтон се влошија откако Турција од Русија купи напреден ракетен систем „копно-воздух” С-400.
Путин и Ердоган веќе се состанаа двапати оваа година, во обид двете земји да ги зајакнат врските. Двете средби се фокусираа на Сирија, која е разурната од војна, поради што во Турција има над 3,6 милиони бегалци од таа земја.
Русија и Турција, кои поддржуваат спротивставени страни во конфликтот, имаа посебно влошени односи во периодот 2015-2016 година, откако турските сили соборија руски воен авион на границата со Сирија.
Сега тие работат заедно за да обезбедат де-ескалација на зоната Идлиб, во близина на турската граница.