Мексиканскиот наркобос Хоакин Гузман (63), попознат како Ел Чапо, поднесе жалба против доживотната казна затвор изречена пред една година, тврдејќи дека судењето било неправедно, објави агенцијата АП.
Во жалбата поднесена до Апелациониот суд во Њујорк се тврди дека судијата донел одлука со која на поротата и се овозможило да сослуша погрешни докази на судењето на Гузман.
Жалбата исто така тврди дека еден од адвокатите на Гузман имал судир на интереси, дека поротниците ја прекршиле наредбата да не читаат вести и објави на социјалните мрежи во врска со Ел Чапо и судењето и дека неговите права врз основа на четвртиот, петтиот и шестиот амандман биле повредени со употреба на самица и други прекумерни безбедносни процедури што претставуваат „казна без судење“.
Од судот исто така се бара да назначи друг судија да ја разгледа жалбата и да ги испита наводите дека владата неправилно го водела случајот.
Поранешниот водач на моќниот мексикански картел Синалоа беше осуден во 2019 година на доживотен затвор плус 30 години дополнителна затворска казна, а исто така му беше наредено да плати компензација од дури 12,6 милијарди долари.