Египетскиот претседател Абдел Фатах ел Сиси денеска ги предупреди европските земји „да не му држат предавање за арапскиот свет“, бранејќи ја нашироко критикуваната ситуација со човековите права во неговата земја.
Тој им се обрати на новинарите по самитот на ЕУ и Арапската лига и рече: „Нема вие да не учите на човечност”, додавајќи дека „Европејците имаат свои правила, етика и вредности. Ние го почитуваме вашето. Вие би требало да го почитувате нашето”.
Ел Сиси, исто така, истакна дека Европа цвета, додека многу арапски земји се мачат само за да спречат избивање на конфликт. Локалните новинари неговата изјава ја проследија со аплауз.
Европските лидери избегнуваа јавно критикување на Египет дури и при минатогодишното казнување без преседан на дисиденти и неодамнешното зголемување на бројот на егзекуции во таа земја, посочуваат британски медиуми.