Високо верско лице од Иран за време на молитвата изјави дека воената флота на САД „може да биде уништена со само една ракета“, сподели неофицијалната новинска агенција ИСНА, а пренесува „Ројтерс“.
Носачот на авиони „Абрахам Линколн“, испратен од администрацијата на претседателот Доналд Трамп во водите на Блискиот Исток, служи како предупредување на Иран.
Иранската револуционерна гарда, пак, информираше дека Техеран нема да преговара со САД и тврдат дека САД нема да се осмелат да извршат напад во Иран.
– Нема да се случат никакви разговори со САД, но тие нема ни да се осмелат да не нападнат. Санкциите поставени од САД немаат ефект – изјави Јадолах Џавани, заменикот за политички прашања на Гардата.
Трамп вчера ги повика иранските власти на преговори со цел да се откажат од нуклеарната програма и изјави дека не ја отфрла можноста за воена конфронтација, наведувајќи ги како причина зголемените тензии помеѓу двете земји.
На прашањата на новинарите, Трамп изјави дека секогаш е можно да се случи воена интервенција од нивна страна, но се надева дека нема да дојде до тоа. Тој исто така изјави дека САД го имаат еден од најмоќните воени бродови во светот.