Жените во Германија почесто запаѓаат во сиромаштија од мажите, предупреди Партијата на левицата на Меѓународниот ден на жената.
Пратеничката Сабине Цимерман од Левицата, која е експерт за социјални прашања, се повикува на податоците на Еуростат, кои, како што вели, покажуваат дека во 2017 година во Германија имало 7,1 милиони жени кои биле изложени на ризик од сиромаштија во споредба со 6,1 милиони мажи.
Како процент, 17,1 отсто од жените во земјата се соочуваат со сиромаштија, а кај мажите тој процент изнесува 15.
– Проблемот со сиромаштијата, за жал, веќе подолго време е поврзан со жените – рече Цимерман и ја обвини Владата за занемарување на ова прашање.
Таа истакнува дека жените се дискриминирани на работното место во однос на ниската плата и работа со скратено работно време, а овие фактори, пак, доведуваат до пониска пензија.
Според Федералната агенција за труд, 27,1 отсто од жените со полно работно време спаѓаат во категоријата со ниски плати, во споредба со 16,2 отсто од мажите. Во оваа категорија спаѓаат Германците со месечни бруто плати помали од 2.139 евра месечно. Жените во Германија со полно работно време во просек добиваат 2.920 евра, а мажите 3.372 евра.