Мигрантскиот притисок што е актуелен периодов на источните граници од ЕУ, според западните медиуми, може да предизвика безбедносен ризик по Европа, кој во најлошото сценарио, доколку не се смират состојбите, би можело да прерасне во евентуален конфликт проследен со насилства и безредија
Може ли мигрантскиот притисок на источните граници од Стариот Континент што е актуелен периодов да предизвика безбедносен ризик по Европа или евентуален меѓудржавен конфликт проследен со насилства. Оваа дилема деновиве е актуелна во европската јавност, особено откако минатата недела на границите меѓу Полска и Белорусија илјадници мигранти, главно од Блискиот Исток, притискаа за илегален влез на територијата на земјата, но и во другите балтички држави.
Имено, во својот осврт на оваа тема магазинот „Политико“ наведува дека повеќе европски министри за одбрана се загрижени дека растечката миграциска криза на границата меѓу Белорусија и Полска може да предизвика нов конфликт на територијата на Европа.
Ланет: Увежбана шема на хибриден напад на Унијата!
Според магазинот, потенцијалот за ескалација е исклучително голем, при што за оваа констатација се повикува на тврдењата на естонскиот министер за одбрана Кале Ланет, изнесени на прес-конференција минатата недела, кога тој изјави дека стравува од насилства и безредија во регионот.
– Сето ова е добро увежбана шема, која личи и на „хибриден напад“ врз Европската Унија, комбинирајќи политички и воени елементи – изјавил привиот човек на естонската одбрана.
„Политико“ понатаму наведува дека министерот за одбрана Ланет не ја исклучил можноста за целосна војна на границата, иако бил крајно претпазлив во изјавите.
Дека состојбата е сериозна говори и конфронтацијата на ЕУ со Белорусија, која е актуелна периодов, во која дури се вклучи и германската канцеларка во заминување Ангела Меркел, која ја повика и Русија да интервенира со свои дипломатски политики кон Минск.
Слично како Меркел реагираше и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, која при посетата во Вашингтон ги повика САД да се вклучат во решавање на состојбите на Истокот од Европа.
– Ќе ја разгледаме можноста за санкционирање на авиокомпаниите што ја олеснуваат трговијата со луѓе кон Минск, а потоа и кон границата меѓу ЕУ и Белорусија – рече Фон дер Лејен, додавајќи дека САД исто така подготвуваат нови санкции за Белорусија, „кои ќе стапат во сила на почетокот на декември“.
Паднаа и првите човечки жртви
Викендов европските медиуми информираа дека и еден полски војник загинал на источната граница на земјата со Белорусија, додавајќи дека неговата смрт била последица на несреќа и дека не била вмешана трета страна.
Сепак, некои од западните медиуми исто така информираа дека војникот бил распореден на границата со Белорусија и дека сѐ уште не се јасни причините за неговата смрт.
Паралелно со ова, состојбата со бегалците што нелегално сакаат да влезат на територијата на ЕУ е драматична, особено со паѓањето на температурите викендов.
Телевизијата Н1 пренесе дека илјадници мигранти, главно од Ирак и од Сирија, со недели неуспешно се обидуваат да влезат во ЕУ а ледените денови што доаѓаат во тој дел од Европа, без храна и сместување, ќе бидат кобни за повеќето од нив.
Во исто време, Полска пријави најмалку седум смртни случаи на мигранти во последниот месец. Полското министерство за одбрана неодамна објави снимка на која се слушаат дури и деца како молат за премин, додека граничарите им велат да се вратат во Белорусија.
Невладините организации ги обвинуваат властите на двете земји за нехуман третман кон бегалците, кои насилно се протеруваат или враќаат во Белорусија.