И покрај предупредувањата на европските сојузници, Трамп порача дека се повлекува од договорот и дека повторно воведува санкции против Техеран. Одлуката на Вашингтон беше критикувана и од другите потписници на спогодбата меѓу Русија и Кина, додека, пак, наиде на поддршка од Израел и од Саудиска Арабија
Франција порача дека договорот за иранската нуклеарна земја не е мртов и покрај одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп за повлекување на САД од спогодбата. Франција, Британија и Германија се обидуваат да го спасат договорот со Иран од 2015 година, со кој беше ограничена иранската нуклеарна програма во замена за укинување на санкциите. Но и покрај предупредувањата на европските сојузници, Трамп порача дека се повлекува од договорот и дека повторно воведува санкции против Техеран. Одлуката на Вашингтон беше критикувана и од другите потписници на спогодбата меѓу Русија и Кина, додека, пак, наиде на поддршка од Израел и од Саудиска Арабија.
Шефот на француската дипломатија Жан Ив Ле Дриан истакна дека спогодбата за нуклеарната програма не е мртва.
– Има американско повлекување од договорот, но спогодбата сѐ уште е тука. В понеделник ќе има средба помеѓу Франција, Британија, Германија и Иран – порача Ле Дриан.
Претходно, во заедничко соопштение, Франција, Британија и Германија истакнаа дека се решени да продолжат да го спроведуваат иранскиот нуклеарен договор и истовремено да работат на нов и посеопфатен.
– Ќе останеме дел од договорот. Нашите влади се одлучни да го гарантираат спроведувањето на договорот и ќе работат на тоа со другите земји што се вклучени во него. Ги повикуваме САД да се зачуваат структурите на договорот и да се избегне каква било мерка што би спречила негова целосна примена од другите земји – се истакнува во заедничката изјава на францускиот претседател Емануел Макрон, британската премиерка Тереза Меј и на германската канцеларка Ангела Меркел.
Исто така, тие додаваат дека Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) оцени оти Иран продолжува да ја почитува заложбата да не развива нуклеарно оружје. Тројцата европски лидери го повикуваат Иран да покаже воздржаност во одговорот на американската одлука и да продолжи да ги почитува своите обврски од договорот. Во замена, Техеран ќе продолжи да има корист од укинувањето на економските санкции од другите земји-потписнички на документот. Покрај тоа, Париз, Лондон и Берлин бараат и да се подготви нов, сеопфатен договор за нуклеарната програма на Иран по 2025 година, за неговата ракетна програма и за неговите „дестабилизирачки регионални активности, особено во Сирија, Ирак и во Јемен“.
– Европската Унија ќе одговори со единствен глас на одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп за повлекување на САД од Договорот за иранската нуклеарна програма – порача претседателот на Европскиот совет Доналд Туск.
Иранскиот претседател Хасан Рохани истовремено истакна дека Иран ќе остане дел од меѓународниот договор, но предупреди дека неговата земја би можела да ги запре ограничувањата на кои се согласила во врска со своите активности за збогатување ураниум. Рохани оцени дека не е првпат Трамп да не ги почитува меѓународните договори. Тој најави дека наскоро ќе разговара со Европејците, Кинезите и со Русија за да види дали тие можат да ги гарантираат интересите на Иран по повлекувањето на САД од договорот.
Претходно, Трамп оцени дека иранскиот режим не се придржувал кон обврските предвидени со договорот, поради што и решил САД да се повлечат од него.
– Јасно е дека САД со овој договор не можат да спречат создавање иранска нуклеарна бомба – порача американскиот претседател.
Според него, ако се дозволи опстојување на договорот, светот наскоро ќе се соочи со трка во нуклеарно вооружување на Блискиот Исток.
– Нуклеарниот договор со Иран требаше да ги штити САД и нивните сојузници, но тој му овозможи да продолжи со збогатување ураниум. Ниту една акција што ја презеде Иран не беше поопасна од неговите заложби за стекнување со нуклеарно оружје – додаде Трамп.
Тој потсети дека досега во неколку наврати побарал преразгледување на одредбите од договорот, за што САД разговарале и со своите сојузници во Европа и на Блискиот Исток, бидејќи во него нема адекватни механизми со кои би се спречил Иран да лаже.
– Нуклеарниот договор со Иран не ги ограничува иранските дестабилизирачки активности, вклучувајќи ја и поддршката на тероризмот – заклучи шефот на Белата куќа.
Израел нападна позиции на сириската армија крај Дамаск
Израел нападна позиции на армијата на Сирија во близината на Дамаск, но сириската противвоздушна одбрана пресретна и уништи две ракети, пренесуваат сириските државни медиуми.
Нападот бил извршен во село во околината на Кисвех, јужно од Дамаск, каде што се наоѓаат неколку сириски воени бази. Извори во сириската армија соопштија дека цел на нападите биле армиски позиции, но дека притоа загинале двајца цивили.
Нападот се случил околу еден час по одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп за повлекување на САД од Договорот за иранската нуклеарна програма.
Турција стравува од нови конфликти
Одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп за повлекување на САД од Договорот за иранската нуклеарна програма, предизвикува опасност од создавање нови конфликти, истакна портпаролот на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, Ибрахим Калин.
– Едностраното повлекување на САД од нуклеарниот договор е одлука што предизвикува нестабилност и нови конфликти – порача Калин на Твитер.
Според него, Турција ќе продолжи решително да се спротивставува на сите видови нуклеарно оружје.
Санкциите кон Иран влегуваат во сила веднаш за нови договори
Одлуката за воведување санкции на САД кон Иран во врска со нуклеарната програма на Техеран, стапува во сила веднаш за нови договори, додека компаниите што веќе работат со Иран ќе имаат неколку месеци да ги прекинат трговските односи со земјата, изјави Џон Болтон, советникот на американскиот претседател Доналд Трамп за национална безбедност.
Министерството за финансии на САД соопшти дека санкциите за веќе склучени договори со Иран ќе стапат во сила по преодниот период од 90 до 180 дена.
– Сосема е можно да следуваат и уште санкции ако добиеме нови информации. Сакаме да извршиме што е можно поголем економски притисок врз Иран и да го лишиме од пристап до приходите со кои ќе располагаше ако САД не се повлечеа од нуклеарниот договор. Не се разгледуваат никакви нови договори – рече Болтон.