Доколку американскиот Конгрес го усвои законот за санкции против гасоводот „Северен тек 2“, тогаш првпат на удар ќе биде Европската Унија, односно европските компании, што би претставувало голем политички и психолошки чекор во односите помеѓу прекуокеанските сојузници и партнери. Санкциите би биле насочени против оние европски енергетски компании што активно учествуваат во овој проект, кој не е само руско-германски, како што често погрешно се претставува, оценува порталот „Геополитика“
Русија не се откажува од завршување на изградбата на новиот гасовод „Северен тек 2“, и покрај најновите закани на Вашингтон за воведување санкции за енергетскиот проект. Доколку американскиот Конгрес го усвои законот за санкции, тогаш првпат на удар ќе биде Европската Унија, односно европските компании, што би претставувало голем политички и психолошки чекор во односите помеѓу прекуокеанските сојузници и партнери. Санкциите би биле насочени против оние европски енергетски компании што активно учествуваат во овој проект, кој не е само руско-германски, како што често погрешно се претставува, наведува порталот „Геополитика“.
Критичарите на „Северен тек 2“, особено САД и Украина, тврдат дека целта на гасоводот е да се зголеми зависноста на Европа од руски гас и изолирање на Украина, која со проектот е заобиколена. „Северен тек 2“ ќе пренесува гас од огромното поле со гас Бованенково на полуостровот Јамал до Германија, преку гасоводот вреден повеќе милијарди долари.
Од друга страна, конзорциумот „Северен тек 2“ и поддржувачите на проектот тврдат дека гасоводот во должина од 1.230 километри, кој поминува под Балтичко Море, ќе ѝ помогне на Европа за задоволување на растечките потреби за гас и тоа по пониски цени.
– Досега во политичките дискусии се посочува дека е политички проект. Но најкраткиот пат за испорачување гас до Европа е преку „Северен тек 2“, кој е дури 2.000 километри пократок од постојната маршрута низ Украина. За мене тоа се факти, а не политика – порача Хенинг Коте, главен раководител на енергетскиот проект „Северен тек 2“.
Половина од проектот, вреден 9,5 милијарди евра, е финансиран од рускиот енергетски гигант „Газпром“, додека, пак, другата половина е финансирана од неговите европски партнери – германските фирми „Винтершал“ и „Унипер“, британско-холандски „Шел“, француската „Енџи“ и австриската компанија ОМВ. Конзорциумот инсистира дека Украина ќе ја задржи својата улога како транзитна земја. Проектот требаше да биде пуштен во употреба кон крајот на 2019 година, но „Газпром“ соопшти дека „Северен тек“ ќе почне да работи во 2020 година.
Американскиот претседател Доналд Трамп лани објави серија пораки на Твитер, гневно обвинувајќи дека проектот ја направи Германија заложник на Русија на претседателот Владимир Путин. Од друга страна, Путин неодамна го обвини Вашингтон за „нефер конкуренција“ и дека користи политички притисок за изолирање на конкурентот.
– Нашите партнери знаат дека нивниот производ е поскап, а квалитетот не е подобар – порача Путин, алудирајќи на САД.
По разговорите со Путин, австрискиот претседател Александар ван дер Белен изјави дека неговата земја не планира да се откаже од проектот.
– Течниот гас од САД е многу поскап од нашите сегашни снабдувачи. Поради тоа, нема никаква економска причина за да ја смениме нашата позиција – истакна Ван дер Белен.
Во меѓувреме, германското министерство за економија соопшти дека Берлин ги отфрла санкциите што имаат екстратериторијален ефект.
„Геополитика“ оценува дека САД со обидот за намалување на улогата на Русија во енергетското снабдување на ЕУ се обидуваат да отворат простор за испорачување на американскиот течен гас, и покрај тоа што тој е многу поскап од рускиот, што се доставува преку гасоводот. Во целата оваа приказна, според геополитичкиот портал, е фактот дека ЕУ ќе станува сѐ повеќе „жедна“ за гас уште од почетокот на наредната деценија и дека на среден, па дури и долг рок, нема да може да се откаже од рускиот гас, ниту од гасот што доаѓа од другите извори.
Истовремено, европските енергетски компании што учествуваат во „Северен тек“ воопшто не се мали играчи, и веќе подолг период изјавуваат дека нема да отстапат под притисокот од заканите за американски санкции. Но во новите американски санкции не би биле опфатени само споменатите компании-инвеститори, туку и оние што учествуваат како кооперанти во самата изградба, како што се италијанските и швајцарски компании за поставување гасоводни цевки длабоко под морето. Доколку американската администрација навистина ги воведе овие санкции, тоа би претставувало уште еден удар за Брисел, кој неодамна веќе му излезе во пресрет на Вашингтон, усвојувајќи ги долго најавуваните измени во т.н. трет енергетски пакет, што се однесува на тоа дека сопственикот на гасоводот од трети земји во ЕУ не може истовремено да биде и единствен доставувач на гас, односно, тој мора да овозможи негово користење и за други компании. „Газпром“, како мнозински сопственик и единствен планиран доставувач на гас преку „Северен тек 3“, долго време се противи на овој закон.