Алармантни податоци на лондонската компанија за економско истражување „Маркит“, публикувани неодамна, предупредуваат дека економијата во ЕУ на почетокот од годинава се движи по тенка линија до економски амбис. Во документот на економскиот институт се забележува дека најпроблематични сектори за економиите од Стариот Континент се угостителството, туризмот и лесната индустрија
Економијата во еврозоната повторно се намали во февруари и е на прагот кон нова рецесија, поради постојаниот притисок од ковид-ограничувањата врз услужниот сектор, туризмот и лесната индустрија. Сепак колку и да се негативни економските показатели на почетокот од годината, некои од економските експерти се оптимисти дека Унијата за релативно брз временски период ќе успее до крајот од летото да ја совлада најавената нова економска криза.
Ова меѓу другото се наведува во извештајот на лондонската компанија за економско истражување „Маркит“, кое го објави бриселски „ЕУ обсервер“. Како што наведува медиумот, повикувајќи се на податоците од лондонското истражување, кое ги опфаќа секторите за производство и услуги во 19 држави низ Унијата, првичните процени за економски раст на почетокот од годинава покажале мал раст на економскиот индекс по кој се оценува БДП во блокот. Засега, според „ЕУ обсервер“, сè уште економскиот индекс за напредок се движи под 50 поени, што сигнализира пад на економската активност, четврти месец по ред во Европа.
– Еврозоната е на работ на нова рецесија, бидејќи деловната активност опаѓа четврти месец по ред – заклучува Крис Вилијамсон, главен економист во ИХС „Маркит“.
Според него, економскиот напредок на индексот низ Европа во голема мера му се припишува на речиси рекордниот раст на активноста во производствениот секторот, бидејќи големите компании останаа отворени за време на пандемијата. Вилијамсон посочува дека тежината за овој економски проблем во најава е доминантниот услужен сектор, кој е најмногу погоден од рестриктивните мерки поради коронавирусот.
Угостителството низ ЕУ најпогодено од рестрикциите
Во меѓувреме, според европските новински агенции, земјите-членки продолжуваат да бележат голем број нови инфекции, додека владите не попуштаат на мерките за затворања во секторот за угостителство, повикувајќи ги граѓаните да останат дома. Според анализата на „Маркит“, услужниот сектор во еврозоната иако во февруари се зголемил за 0,3 поени, на 45,7 поени, зголемувајќи ја прелиминарната процена на економскиот индекс за поени, сепак овие показатели се под 50 индексни поени, што наведува дека секторот има опаѓачка активност.
– Додека многу компании за угостителство во услужниот сектор се во проблеми поради ограничувањата поврзани со ковид-19, производствениот сектор добро се справува, ублажувајќи ги ефектите од мерките за рестрикции врз целокупната економија – објаснува економистот Дина Померанц од Универзитетот од Цирих.
Според неа, добри вести има, а тие доаѓаат од малото заживување на вработувањата во услужните компании, што во февруари го зголеми бројот на вработени првпат по една година пандемија во Европа.
Во тој контекст, индексот за мерење на вработеноста во услужниот сектор, според истражувањето на „Маркит“, се искачил на 50,2 поени, од претходните 49,8 поени.
Италија и Франција во рецесија, Шпанија со најголем пад на БДП
Во исто време, Франција и Италија влегоа во повторна рецесија во прите месеци од оваа година, слично како лани, додека БДП на Шпанија бележи најголем пад, велат податоците од локалните статистички бироа за влијанието на корона-кризата врз економија, пренесува Евроњуз.
Франција деновиве презеде строги мерки за намалување на ширењето на ковид-19. Првите ограничувања беа олабавени на почетокот на годината, а премиерот Едуард Филипе веќе истакна дека долгото траење на рестриктивните мерки има катастрофални последици по француската економија. И Италија, која беше најпогодена европска земја од коронавирусот, е во рецесија, а првите знаци на заживување на економијата ги даде оваа недела.
Шпанија се соочува со најголем пад во економијата по седумдесеттите години на минатиот век.