Повеќе од 3.000 патници од два крузера на кои изби зараза на коронавирус се враќаат дома. Граѓаните од 40 земји, во кои ќе се вратат оние што беа на крстарење, стравуваат дека со овој потег вирусот ќе продолжи да се шири.
САД донесоа одлука да ги вратат дома своите патници од крузерот „Дајмонд Принцес“, а Канада, Хонгконг и други земји планираат слична евакуација на своите патници.
Во саботата една 83-годишна Американка во Малезија беше позитивна на коронавирусот, само еден ден откако таа и уште 2.200 патници заминаа дома од крузерот „Вестердам“ во Камбоџа.
– Оваа жена била инфицирана неколку дена. Таа е потенцијален изложувач на вирусот и на други луѓе што биле на бродот, а кои веќе се дома. Постои можност секој што е заразен да го однесе вирусот онаму каде што се враќа – вели Стенли Дересински, професор од универзитетот „Стенфорд“.
Патниците од „Вестердам“ чекаа две недели додека Камбоџа не дозволи тие да заминат. На патниците им беше овозможено да заминат, без притоа да минат период во карантин, а заболената Американка заминала во Куала Лумпур од каде што сакала да фати авион за САД.
По американските патници, пак, од крузерот „Дајмонд Принцес“, досега стигнаа десетина автобуси. Тие потоа со авиони ќе бидат пренесени во САД, каде 14 дена ќе минат во карантин.
– Ако кај некој патник за време на летот се развијат симптоми на болеста, ќе биде преместен во посебен дел од авионот – вели Ентони Фаучи, директор на Националниот институт за заразни болести.
Патниците што не покажуваат симптоми од вирусот се бесни затоа што повторно ќе морат да бидат во карантин. Тие веќе минаа во карантин на бродот повеќе од две недели, до крајот на периодот на инкубација, кој завршува деветнаестиот ден. После тоа со комерцијални летови ќе можат да се вратат во САД. Меѓутоа, во меѓувреме се донесе ново решение. Кога тие ќе пристигнат во САД да почне нов период во карантин од 14 дена. Оние што ќе одбијат, ќе мораат да останат во Јапонија во карантин, затоа што американската влада нема да го смета карантинот на бродот како доказ дека некој не е заболен од коронавирус. Тоа дополнително предизвика гнев меѓу патниците.
Бродот со 3.711 патници и членови на екипажот е ставен под карантин од почетокот на февруари.
Еден од тројцата македонски државјани што се наоѓаат на крузерот е позитивен на коронавирусот, и е хоспитализиран во јапонска болница. Б.Ст.