Откако минатиот вторник претседателот на Франција, Емануел Макрон, најави дека во земјата ќе се преземат рестриктивни мерки во одбрана од пандемијата, меѓу кои е и петнаесетдневниот карантин, во француската јавност се појави загриженост за потенцијалното зголемување на случаите со семејно насилство
Преземените рестриктивни мерки на земјите низ светот со борбата против новиот коронавирус, меѓу кои е и повеќедневниот карантин на граѓаните, ја зголемија опасноста од пораст на семејното насилство во општествата. Една од државите што се соочуваат со ваков проблем во моментов е Франција. Само за една недела откако минатиот вторник претседателот Емануел Макрон ги најави поострите мерки за ограничување на движењето на граѓаните, меѓу кои е и изолацијата од најмалку 15 дена, во државата е забележана трипати поголема стапка на семејно насилство отколку претходно. Ова го посочи француската министерка за родова еднаквост Марлен Шиапа, пишува бриселскиот магазин „Еурактив“.
– Кризата низ која минуваме и карантинот, за жал, може да создадат плоден терен за семејно насилство – вели француската државна секретарка Шиапа, додавајќи дека со новите мерки за карантин во Франција состојбата со итните засолништа (шелтери) за жените што се жртви на семејно насилство е зголемена.
Загриженоста од насилство во домовите исто така порасна и во САД, но и Кина, каде што се стравува дека лицата, односно двојките што имаат нарушени семејни односи за време на карантинот би можеле да предизвикаат меѓусебно насилство како резултат на фактот што тие лица сега ќе бидат принудени на заедничка изолација во ист објект.
– Во време на криза, но и природни непогоди, во принцип секогаш има пораст на семејното насилство. Како што се затвора нормалниот живот, жртвите, кои најчесто се жени, може да бидат изложени на насилство подолг временски период и да бидат отсечени од социјална и институционална поддршка – вели Џургита Пешириние од Европски институт за родова еднаквост, за „Еурактив“. Таа додава дека во исто време постои и загрижувачки недостиг од податоците во ЕУ во врска со размената на информации за случаите со семејното насилство во услови на криза, како што сега предизвика коронавирусот. Според Пешириние, државите треба да преземат соодветни мерки за да им се помогне на жените жртви на семејно насилство за време на карантинот. Слични примери како во Франција стигнуваат и од Кина, каде што четири недели од воведувањето на изолацијата е забележана зголемена стапка на семејно насилство во однос на претходно.
– Поради актуелната ситуација, партнерите ги напуштаат домовите многу поретко од претходно, што ги спречува жртвите да повикаат помош или да се јават во советодавниот центар, а исто така и посетите од мрежите за поддршка и социјалните служби се намалени – вели Кајта Григер од германското здружение „Жените против насилство“, во разговор за Дојче веле.
Единствениот аларм во вакви ситуации, според експертите, се соседите, кои доколку забележат ваков случај, веднаш треба да го пријават. И мрежите за заштита на жртвите од семејно насилство во САД предупредија на ваква можност. Во изјавата објавена од Американската национална линија за пријавување семејно насилство изминатиот викенд се истакнува дека насилниците може да ја искористат ситуацијата на изолација.
– Злоупотребата е за моќ и контрола. Кога преживеаните се принудени почесто да остануваат во домот или во близина на насилник, тој може да користи секаква можност за да воспостави контрола врз својата жртва, во случајов тоа е состојбата со ковид-19 – се вели во соопштението.