Генералниот директор на Организацијата за забрана на хемиско оружје (ОПЦВ) Ахмет Узумџу денеска го отфрли тврдењето на Русија дека во англискиот град Солсбери, каде беа затруени рускиот двоен агент Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија, биле пронајдени траги од друг нервен агенс, а не од рускиот „Новичок“.
Велика Британија, за труењето кое се случи на 4 март, ја обвинува Русија, неведувајќи дека нападот бил извршен со рускиот нервен агенс „Новичок“, произведен во поранешниот Советскиот Сојуз.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во саботата изјави дека Москва добила доверлива информација од лабораторијата во швајцарскиот град Шпиц, која ги анализираше примероците земени од местото каде беа затруени таткото и ќерката Скрипал и оти во документите се укажувало на тоа дека бил користен агенс произведен на Запад.
Лавров истакна дека документите укажувале оти на примероците од Солсбери имало траги и од нервниот агенс БЗ, кој се наоѓа во арсеналот на САД, Велика Британија и други членки на НАТО.
Во меѓу време, рускиот постојан претставник ОПЦВ, Александар Шулин соопшти дека Русија поднела доказ дека агенсот „Новичок“ бил произведен и патентиран како хемиско оружје и во САД во 2015 година.
Во обраќањето на вонредната седница на Извршниот одбор на ОПЦВ за инцидентот во Солсбери, Шулгин презентираше документ на Канцеларијата за патенти и стокови марки на САД за патентирање на агенсот со датум од 1 декември 2015 година.