Досегашниот министер за надворешни работи на Белгија, Дидие Рејндерс е назначен за европски комесар од оваа земја. Според процедурата, комесарите треба прво да бидат сослушани и потврдени од страна на европратениците.
По неколку недели остри препукувања, техничката влада во Белгија конечно се одлучи да го предложи Рејндерс за еврокомесар во следниот состав на Европската Комисија. Рејндерс доаѓа од истата политичка партија (Реформаторско движење, либерали) како и идниот претседател на Европскиот Совет, Шарл Мишел, досегашен премиер на Белгија.
Рокот за пријавување на кандидати за еврокомесари од секоја земја членка е 26 август. Само Франција и Италија сѐ уште не поднеле свои предлози.