Причината поради која изминатите години гиг-економијата е во фокусот, е тоа што технологијата толку многу ги намали пречките за влез на пазарот на трудот, па ваквите ангажмани станаа лесно достапни за голем број луѓе. Во гиг-економијата истовремено сме и обезбедувачи на услуги и купувачи на голем број услуги, кои некогаш не беа монетаризирани. Тоа за возврат им овозможува на лицата да ги задоволат сите свои потреби на пазарот, меѓутоа долгорочно поставува големо прашање, кое капитализмот не го препознава, за функционирањето и опстанокот на семејството
Капитализмот, географски гледано, сега е доминантен, па дури и единствен начин на производство во целиот свет, без разлика дали станува збор за Шведска, САД или во Кина, каде што капиталистички ориентираниот приватен сектор произведува 80 отсто од додадената вредност. Благодарение на глобализацијата и технолошката револуција, креирани се многу нови, досега непостојни пазари – огромен пазар на лични податоци, пазар за изнајмување на сопствените автомобили и куќи, пазар за самовработување. Општественото значење на овие нови пазари, што создаваат профити, е во комодификацијата, која зафати многу услуги, а кои се претворени во производи што имаат своја цена. Тука од големо значење е и т.н. гиг-економија, која се однесува на системот на слободниот пазар во кој независните работници и професионалци се вклучуваат во краткорочни бизнис-аранжмани, оценува „Геополитика“.
Поимот „гиг“ се однесува на транзициската природа на достапните работи што им се понудени на хонорарците, консултантите, независните професионалци или работниците, и тоа исклучиво на одредено време – еден час, еден ден. Причината поради која изминатите години гиг-економијата е во фокусот, е тоа што технологијата толку многу ги намали пречките за влез на пазарот на трудот, па ваквите ангажмани станаа лесно достапни за голем број луѓе. Во гиг-економијата истовремено сме и обезбедувачи на услуги и купувачи на голем број услуги, кои некогаш не беа монетаризирани. Тоа за возврат им овозможува на лицата да ги задоволат сите свои потреби на пазарот, меѓутоа долгорочно поставува големо прашање, кое капитализмот не го препознава, за функционирањето и опстанокот на семејството.
Ваквата економија се појави во текот и по суровите години на финансиската криза, кога поради спиралата на порастот на животните трошоци, а со тоа и сѐ поголемата нееднаквост, работничките семејства, но и многу припадници на средната класа станаа економски и социјално загрозена категорија. Па, така, на пример, подемот на „Убер“ убеди многу експерти, економисти и креатори на јавни политики дека слободното посредување преку дигитални платформи станува сѐ поважно и дека новата технологија, посебно експлозијата на платформите што ја овозможуваат гиг-економијата, од темел ќе ја измени иднината на работата.
Меѓутоа, сѐ почесто оваа економија се именува и како „нео-феудална економија“, или економија на слуги. Имено, вработените во гиг-економијата немаат здравствена заштита и пензија, регулирана минимална плата, надомест за време на невработеноста, немаат платени болувања, да дури ни максимално или минимално работно време. Нивниот живот, исто како и животот на нивните семејства, се одвива според параметрите на платформата на која одлучиле да ѝ се приклучат.
Покрај тоа, иако синдикатите во САД се слаби и сѐ поретки, особено од ерата на претседателот Роналд Реган, во споредба со оние во Западна Европа, тие и понатаму се неверојатно значајни во заштитата на работниците од експлоатација. Но за да членувате во синдикат, обично мора да бидете вработен, а луѓето што работат за платформите на гиг-економијата се сметаат за независни претприемачи, а не за вработени лица. Со други зборови, тие се надвор од системот на заштита и можноста за користење на правата, за кои синдикатите и работничките движења се бореа повеќе од еден век, заклучува хрватскиот портал „Геополитика“.