Јемен има потреба од три милијарди долари хуманитарна помош, за да им се помогне на милионите засегнати од воениот конфликт, кои страдаат од глад, раселување и болести и да бидат во состојба да ја преживеат војната, изјави генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш на донаторската конференција во Женева, која се одржа денеска.
– Хуманитарната криза во Јемен е најтешка во светот, потенцира Гутереш.
По три години од воените дејствија 22,2 милиона луѓе од 27-милионското население на Јемен имаат потреба од помош.
Саудиска Арабија и Обединените Арапски Емирати, два од основните воени играчи во конфликтот, ветија 930 милиони долара, со што финансиите од собраните средства пораснаа за 40 проценти и ги достигнаа потребните три милијарди долари.
Уште пред војната Јемен беше сиромашна држава.
Сега околу 18 милиони лица немаат сигурно снабдување со храна, а над осум милиони се изложени на ризик од глад.
Околу половина од децата од предучилишна возраст страдат од хронична неухранетост, како и од забавување на растот, што е пречка за нивниот физички и ментален развој. Народот страда од борби, п реселби, киднапирања, силувања и колапс на здравствениот и образовниот систем
Гутереш пред насобраните дипломати од државите даратели, рече дека Јемен покажува многу поголема широкоградост од многу побогати држави во светот, примајќи огромен број сомалиски бегалци.
Јеменскиот министер за надворешни работи Абдел Малек Мехлафи повика да бидат обновени преговорите, за да се стави крај на војната во Јемен, каде едни против други војуваат провладините сили поддржани од Саудиска Арабија и борците Хути, кои за сојузник го имаат Иран.
– Треба да постигнеме оптимално решение, а тоа е враќање на масата за преговори, за да биде ставен крај на војната, да се вратиме кон одржлив систем (на управување), поддржан од луѓето на Јемен, изјави Мехлафи во говорот на конференцијата во Женева.
Тој дополни, дека сега е важно да се отвори пристап до пристаништа и аеродромите за да се достави хуманитарна помош.
Инаку, во јануари ОН ја повика светската заедница да обезбеди 2,96 милијарди долари. Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања посочи дека хуманитарната ситуација во Јемен продолжува да се влошува и сега на 22,2 милиони Јеменци или 75 проценти од населението им е потребна помош, што е 3,4 милиони луѓе повеќе од минатата година.
Од август 2014 година, во Јемен има конфликт меѓу властите и бунтовниците Хути.