Во Русија горат повеќе од 250 шумски пожари, а уништени се повеќе од три милиони хектари земја, објавија руските власти.
Пожарите се гаснат во 180 зафатени области на површина од 1,3 милиони хектари, објави Агенцијата за заштита на шумите.
Другите пожари во помалку достапните региони не се гаснат бидејќи нема опасност за луѓето, додава Агенцијата.
Големи пожари ја зафатија сибирската Саха, попозната како Јакутија, во североисточна Русија, а прогласена е вонредна состојба.
Вонредна состојба е прогласена во вкупно осум региони.
Во Јакутија пожарот се шири на подрачјето Сангар и складишта за нафта, објавија агенциите, повикувајќи се на Агенцијата за цивилна заштита.
Речиси 400 села во сибирскиот регион Краснојарск се погодени од чад.
Воздухопловните сили објавија дека повеќе од 6.700 луѓе биле распоредени низ целата земја за да ги стават пожарите под контрола.
Русија се бори со најлошите шумски пожари на векот. Според Гринпис, околу 14,3 милиони хектари се изгорени од почетокот на годината.
Претходно, мрачен рекорд од овој век беше поставен во 2012 година кога беа изгорени 16 милиони хектари.
– Ова е поврзано со зголемување на климатските промени. Сезоната на шумски пожари станува подолга, сушите стануваат се почести, траат подолго и поинтензивно – рече Алексеј Јарошенко, експерт за шумарство од Гринпис.
Јарошенко го критикуваше недостатокот на закони, пари и персонал за заштита на шумите.