Германија го забрани извозот на медицинска заштитна опрема за да се спречи кусокот од вакви материјали и да се обезбедат навремени испораки во болниците и ординациите, како дел од напорите да се спречи ширењето на коронавирусот, соопштија денеска официјални лица, пренесува „Ројтерс“.
Одлуката ја донесе владината работна група за епидемија од коронавирусот, а забраната за извоз стапи на сила веднаш, изјави портпаролот на Министерството за економија.
Забраната за извоз се однесува на сите видови на медицинска заштитна опрема, вклучувајќи заштитни маски, медицински раквици и заштитна облека, соопшти Министерството за здравство.
– Исклучоци се можни само под строги услови – истакнаа здравствените власти.
Германија досега регистрираше 240 случаи на инфекција со коронавирус, која се појави кон крајот на минатата година во Кина, и оттогаш се рашири низ целиот свет, предизвикувајќи смрт на скоро 3.200 луѓе. Засега не се пријавени смртни случаи поврзани со инфекција од коронавирус.