Одлучувачкиот натпревар во Групата Ф помеѓу Германија и Јужна Кореја би можела да ја чини германската економија помеѓу 130 и 200 милиони евра, бидејќи натпреварот се игра за време на редовното работно време, наведува медиумската група Функе.
– Доколку само секој втор вработен, кој во тој момент се наоѓа на работното место, го гледа натпреварот и ако вработените не останат подолго на работа за да го надоместат загубениот час, тоа ќе ја чини германска економија помеѓу 130 и 200 милиони евра – тврди Функе групата, повикувајќи се на истражување на Институтот за германска економија.
Сличен феномен веќе беше забележан на последните големи фудбалски натпреварувања.
Но, експертите во исто време го нагласуваат и аспектот на заедништвото, градењето на тимскиот дух, што се создава за време на заедничкото гледање натпревар, што само по себе може да има позитивни ефекти врз продуктивноста.
– Не се работи секогаш за пари, туку за тим-билдинг. И нема ништо подобро од заедничко гледање натпревар на германската репрезентација – вели Кристоф Шредер од Институтот за германска економија.