Генаралот на воено воздушните сили на венецуелската армија, Франциско Јанез, го призна Хуан Гуаидо за привремен претседател на Венецуела. Генералот ова денеска го објави преку видео порака на Твитер, а пренесе МИА.
-Со гордост на патриот и демократ денеска соопштувам дека се откажувам од злобниот и диктаторски авторитет на господин Николас Мадуро и го признавам Хуан Гуаидо за вршител на должноста претседател на Боливарска Република Венецуела и во однос на тоа подготвен сум да ги исполнам неговите наредби – укажа Јанез, цитиран од весникот „Ел Национал“.
Според изданието, Јанез укажал дека 90 отсто од вооружените сили на Венецуела не го поддржуваат Мадуро и „неизбежен е премин кон демократија“.
Повикувајќи се на „колеги од авијацијата“ Јанез укажал дека Мадуро секогаш држи во спремност два авиона и го советувал што поскоро да ја напушти земјата, истакнува „Ел Национал“.
Мадуро за претседател беше избран лани во мај, но венецуелската опозиција како и голем дел од меѓународната заедница не го призна резултатот од изборите.
Гуаидо, кој е претседател на Националното собрание на Венецуела, минатата недела се самопрогласи за привремен претседател со ветување дека ќе организира слободни избори. Тој веднаш беше признат од САД, Велика Британија, Канада, Австралија и голем дел од земјите во Јужна Америка. Мадуро е поддржан од Кина, Русија, Турција и Мексико.
Јанез е прво високо армиско лице во активна служба, кое го призна Гуаидо за привремен претседател