Бројот на лицата загинати во уривање на големи комерцијални авиони, во 2019 година, се намалил за повеќе од 50 отсто. Лани биле регистрирани 257 смртни случаи, во споредба со 534 загинати лица во 2018 година, покажува истражувањето на холандската авиоконсултантска куќа „То70“.
Според извештајот, на секои 5,58 милиони лета е регистриран по еден фатален инцидент. Лани биле регистрирани 86 инциденти со големи комерцијални авиони, вклучувајќи и осум фатални инциденти. За разлика од лани, во 2018 година се регистрирани 160 инциденти, од кои 13 биле фатални.
Безбедноста на патничките авиони беше изложена на интензивна контрола во 2019 година, по двете авионски несреќи во краток временски период, во кои беа вклучени летала од типот „боинг 737 макс“.