По парламентарната пауза поради Божиќ и новогодишните празници, британската премиерка Тереза Меј се враќа оваа недела на мачното прашање за брегзит, во обид повторно да ги увери пратениците да не го одбијат нејзиниот договор за напуштање на Европската унија постигнат со Брисел.
Пратениците в среда продолжуваат со расправа за „Договорот за напуштање“ на ЕУ во кој тешко се преговараше 17 месеци, но неговото прифаќање е доведено во прашање поради бројните критики. Текстот го критикуваат приврзаниците на брегзит и еврофилите кои се уште се надеваат за враќање „на старо“.
Гласањето предвидено за 11 декември, Меј во последен момент го одложи за да спречи пораз кој и се закануваше.
Ако нема договор до 29 март за кога е објавен брегзит, Велика Британија на неуреден начин ќе заврши со периодот на членство во ЕУ што траеше повеќе од 40 години. Од таков развој на настаните стравуваат во економските кругови.
Британски медиуми во изминатите денови објавуваа за ново одложување на глсањето, но сепак Меј наведе дека ќе има гласање идната недела околу 15 јануари.
– Да, ќе има гласање, изјави таа во емисија на Би-Би-Си предупредуваји на последици од неприфаќање на договорот.
– Ако Парламентот не потврди договор, ќе се најдеме на непознат терен. Мислам дека никој не може точно да каже што тогаш ќе се случи, истакна таа.
Обидувајќи се да придобие парламентарци, Меј рече дека Парламентот би можел да има поголема улога во идните преговори за трговските врски на Лондон и Брисел. Таа нагласи дека ќе продолжи соработката со Брисел за да добие гаранции што ќе може да ги разуверат британските пратеници, откако во изминатите денови разговараше со европските челници.
Таа операција може да се покаже како многу тешка бидејќи минатиот месец во гласањето доверба таа едвај преживеа, но одби од себе третина конзервативни пратеници.
Владата во Лондон според медиумите, забрзува подготовки за евентуално напуштање на ЕУ без договор што го постави како „оперативен приоритет“.