Преживеани заробеници од Аушвиц, логорот на смртта каде нацистите извршиле геноцид во Втората светска војна, се собраа денеска за да ја одбележат 75-годишнината откако Црвената армија го ослободила кампот.
Повеќе од 200 преживеани, од кои најмногу Евреи, дојдоа на церемонијата од Израел, САД, Австралија, Перу, Русија, Словенија и други делови на светот, а во Полска денес се и многумина кои ги загубиле своите родители и предци во Аушвиц или други нацистички кампови, пишува АП.
На комеморацијата, предводена од полскиот претседател Анджеј Дуда и лидерот на Светскиот еврејски Конгрес, Роналд Лаудер, присуствуваат светски официјални претставници, меѓу кои и израелскиот претседател Рувен Ривлин, српската премиерка Ана Брнабиќ, словачката претседателка Зузана Чапутова, претседателите на Австрија и Германија, Александар ван дер Белен и Френк Валтер-Штајнмаер, словенечкиот претседател Борут Пахор, белгиската премиерка Софи Вилмс, бугарскиот премиер Бојко Борисов, хрватскиот Андреј Пленковиќ и на Чешка, Андреј Бабиш.
Евреите биле најбројни меѓу 1,1 милиони луѓе кои загинале во нацистичките логори на смртта, но имало и Полјаци, Руси, Роми…
Во пресрет на комеморацијата, преживеаните, потпирајќи се на своите деца и внуци, прошетаа наоколу сеќавајќи се на местата каде биле донесени и каде преживеале стршни мачења.
Некои од нив изјавија дека дошле во Аушвиц за да се сетат на минатото, да ја споделат својата судбина со другите и да покажат пркос кон оние што сакале да ги уништат.
– Нема гроб на кој би отишла, но знам дека моите родители умреа и изгореа овде. Доаѓајќи во Аушвиц, им оддавам почит – рече Ивон Енглман, 92-годишна жена која дошла дури од Австралија.