Дали Болтон ќе биде едно од најнегативните влијанија во американската безбедносна политика во децениите што доаѓаат
Веднаш откако Џон Болтон ја напушти Белата куќа стана извесно дека американскиот претседател Доналд Трамп ќе се дистанцира од него и од сите критики, како што претставуват изнесените тврдења во книгата на поранешниот советник за национална безбедност, пишува „Форин полиси“.
Многу од идеите на Болтон, сепак, остануваат основа за надворешната политика на Трамп, особено во областа на нуклеарната безбедност и на контролата на оружјето. Слично како и за времето поминато во администрацијата на Џорџ Буш, каде што беше државен потсекретар за контрола на оружјето и за меѓународната безбедност, Болтон зад себе остави деструкција што ќе ја подрива американската безбедност во годините што доѓаат.
За само неколку години, помеѓу 2001 и 2005, Болтон се залагаше и овозможи три катастрофални одлуки – повлекувањето од договорот за антибалистички ракети од 1972 година со Москва, откажувањето од рамката договорена со Северна Кореја во 1994 година, како и инвазијата врз Ирак поради замислените оружја за масовно уништување. Од овие три одлуки, може да се повлече директна поврзаност со тековната трка во вооружување со Русија, поседувањето на можеби 50 или повеќе нуклеарни оружја од страна на Северна Кореја и подемот на Иран на Блискиот Исток. Наследството беше биографијата што Болтон му ја претстави на Трамп, што беше доволно за Трамп да го постави на чело на меѓуагенцискиот процес за чие водење претседателот не покажа интерес. Како што Трамп кажа за надворешната политика и за Стејт департментот во 2017 година, дека тој е „единствениот кој е важен“.
Резултатите од водството на Трамп и на Болтон беа разочарувачки предвидливи. Болтон беше упорен критичар на нуклеарниот договор со Иран кој успешно ја сопре програмата за нуклеарно вооружување на Техеран. Тоа е истата програма што се развиваше кога Болтон беше во администрацијата на Буш, пред склучувањето на договорот. Веднаш откако Болтон се врати во Белата куќа, тој му помогна на Трамп да ги направи завршните чекори за нарушување на договорот и повторно да наметне санкции, наспроти почитувањето на спогодбата од страна на Иран. Откако САД го напуштија договорот, Болтон и неговите сојузници во администрацијата се обидоа да ја закопаат спогодбата засекогаш и да ја спречат идната администрација да го обнови меѓународниот консензус што произлезе од договорот со Иран.
Денес, капацитетите на Иран за збогатување на ураниум се зголемуваат, како и неговиот пркос кон меѓународната заедница. Ова му одговара на Болтон, бидејќи би можело да ги принуди САД повторно да се насочат кон промена на режимот во Техеран, бидејќи според Болтон, со лошите режими не се преговара, туку ги менувате.
„Отпечатоците“ на Болтон во врска со Северна Кореја, можеби никогаш нема да исчезнат. Шансите за успех на Трамп во преговорите станаа недостижни кога Болтон се одметна, цитирајќи го либискиот модел за разоружување како визија за договорот со Северна Кореја. Суровата судбина на поранешниот либиски лидер Муамер Гадафи не беше заборавена од Ким Јонг-ун и сета надеж за напредок бргу исчезна.
Болтон долго изразуваше жалење за употребата на договорите за контрола на оружјето за прашањето на нуклеарна рамнотежа со Русија. Токму Болтон ја искористи новата позиција како советник за национална безбедност да го наведе Трамп да се повлече од Договорот за елиминација на нуклеарните проектили од краток и среден дострел и да го означи процесот за повлекување од меѓународната спогодба „Отворено небо“, која овозможува инспекциски надлетувања. Потегот беше познат за оние кои ја видоа клучната улога на Болтон во повлекувањето на Џорџ Буш од Антибалистичкиот ракетен договор во 2002 година. Забраната трка во вооржувањето помеѓу САД и Русија ќе биде меѓу наследствата на Болтон за светот. За жал, дел од неговата опасна работа би можел да биде комплетиран по неговото заминување од Белата куќа, преку бавната и болна смрт на договорот „Нов СТАРТ“ за намалување на нуклеарното вооружување.
Многумина се осврнаа на одлуката на Болтон да не сведочи во процесот за импичмент на Трамп, туку наводно, да инкасира аванс од два милиона долари за неговата книга. Но, дури иако постапи со чест за време на импичментот, неговото влијание и наследство се ослабување на американската безбедност и постојаното зголемување на нуклеарните закани.