Претставникот на Европскиот парламент за Брегзит, Ги Верхофштат изјави дека сме сведоци на „момент за вистински револт“ поради Брегзит во Велика Британија, каде што повеќе од пет милиони луѓе потпишаа онлајн петиција за повлекување на одлуката за Брегзит, а милиони луѓе на улиците бараат останување во ЕУ.
Верхофштат истакна дека се чувствува особено охрабрен од фактот дека гласањето во Долниот дом во Лондон овозможи Парламентот да преземе поголема контрола над блокираниот процес за Брегзит и постави пат за серија гласања во текот на оваа недела, што би можело драматично да го промени курсот на заминувањето на Велика Британија од Унијата.
– Сега е можно да се работи во Велика Британија на повеќепартиски сојуз кој, се надевам, ќе доведе до предлог што ќе го поддржи мнозинството во Вестминстер – изјави Верхофштат.
Британските пратеници синоќа гласаа за да ја преземат контролата од Владата на одредувањето на дневниот ред во Парламентот, со цел утре да можат да одржат низа гласања за алтернативните опции за Брегзит. Тоа е чин без преседан, со цел да се обезбеди мнозинство за некоја опција за Брегзит.