Испораката претставува продлабочување на врските меѓу двете држави кои се под американски санкции
Танкерот наречен „Форчун“ пристигна во Венецуела од Иран. Тоа е првиот од петте бродови кои се очекува да допловат во јужноамериканската држава, која се соочува со недостиг на гориво. Доаѓањето на првиот танкер беше прогласено за победа од страна на венецуелската влада, пренесува „Њујорк тајмс“.
Потегот претставува продлабочување на економските односи помеѓу Венецуела и Иран, двете држави кои се цел на санкциите на владата на САД. Претставниците на Венецуела и Иран ја окарактеризираа соработката како знак на сила.
– Благодарам Иран. Само братството на слободните народи ќе нѐ спаси – напиша на Твитер венецуелскиот претседател Николас Мадуро.
Портпаролката на американската влада Морган Ортагус го критикуваше потегот, упатувајќи обвинувања според кои владата на Мадуро претставува „криминална организација“ која го корити нелегално стекнатото злато за да купи гориво од Иран. Но таа не кажа дали САД ќе се обидат да ги блокираат испораките или дали ќе одговорат со дополнителни санкции.
Според Риса Грејс-Таргов, аналитичарката во консултанстка компанија за политички ризици, на Венецуела ѝ е потребна нафта, а има злато. Иран има нафта, а потребен му е кеш. И Венецуела и Иран имаат желба да ѝ возвратат на администрацијата на Доналд Трамп. А на американската влада, со вниманието насочено кон пандемијата и со веќе воведените строги санкции, и преостануваат малку опции настрана од воената интервенција.
Венецуела ги поседува најголемите нафтени резерви во светот и некогаш беше голем произведувач на нафта. Но нејзините рафинерии деновиве не произведуваат гориво, според Иван Фрејтес, лидер на нафтениот синдикат.
„Форчун“ ќе биде следен од „Форест“, а потоа и од уште три други танкери, според венецуелската влада. Бродовите заедно ќе пренесат 1,5 милиони барели на гориво, според познавачите на состојбата, кои го цитираат индустрискиот сајт „танкер тракерс“. Се проценува дека тоа би било доволно снабдување за Венецуела да има гориво за неколку недели до месец, според сегашната потрошувачка.