Не стивнуваат скандалите за сексуална злоупотреба и за педофилија во Католичката црква. Веќе подолг период Ватикан го тресат скандалозни медиумски написи за поврзаност на високи кардинали со случаи на сексуална злоупотреба на машки лица, како и за педофилија. Последниот во низата скандали го објави американската агенција „Асошиејтед прес“, со што се откриени нови докази за сексуалните скандали што со години ја тресат Католичката црква во Ватикан.

Објавени се писма и разгледници на поранешниот кардинал Теодор Мекарик што им ги испраќал на тројца мажи, за кои се смета дека ги злоупотребувал сексуално.
Во објавениот текст на агенцијата пишува дека на прв поглед рачно напишаните разгледници и буквите изгледаат безопасно, дури и многу срдечно, потпишани со „Чичко Т.“ или „Твој чичко, отец Тед“.
Но, според експертите, кога тие писма ќе се ставаат во контекст на цел на злоупотребени млади луѓе, тие стануваат пример за тоа како предаторите манипулираат и ги контролираат своите жртви.

– Писмата се полни со ласкање и знаци на блискост, а во нив се нагласува и позицијата на моќ на поранешниот кардинал. Напишаното е и доказ како влијателниот кардинал може да натера ранлив млад човек да се чувствува посебно – додаваат експертите.
Инаку, папата Франциск во февруари годинава го разрешил 89-годишниот Мекарик од свештеничкиот ред, откако дисциплинската комисија го прогласила за виновен за сексуално малтретирање на возрасни и малолетни деца. Случајот предизвика многу полемики и го поткопа кредибилитетот на католичката хиерархија, зашто се дознало дека Мекарик неколкупати претходно бил пријавуван на повисоки нивоа во Ватикан, но останал влијателен кардинал до минатата година. Мекарик не го коментирал случајот, тврдејќи дека е невин.

Според текстот на агенцијата, едно од пресудните сведоштва било тоа за Џејмс Греин, кој бил првото дете што го крстил Мекарик.
– Бил многу близок со неговите родители, па не постоела можност за сомнеж за сексуална злоупотреба. Злоупотребата започнала кога имал 11 години и се случувала и за време на исповедта, на семејните свадби и за време на празниците. Греин редовно го посетувал за време на викендите – открива „Асошиејтед прес“.

Според агенцијата, Мекарик имал навика често да оди на риболов или во неговата куќа на плажа со група момчиња или со млади, но секогаш се случувало некој од нив да е вишок, па да мора да спие со него во кревет. Поранешниот кардинал во писмото до Ватикан во 2008 година признал дека е „несоодветно“ да ја дели постелата со млади мажи, но ги негирал обвинувањата за нивна сексуална злоупотреба.


Папата отвори војна против педофилите

Папата Франциск во февруари годинава, пред крајот на вонредната конференција за спречување педофилија помеѓу свештенството, повика на „сеопфатна борба против гнасната појава, која би требало да се искорени од лицето на земјата“. Папата вети дека Римокатоличката црква „нема да штеди напори“ извршителите да ги изнесе пред правдата и дека нема да го забошотува или потценува малтретирањето. Посочи и дека насоките на националните бискупски конференции за спречување и казнување на извршителите ќе бидат преиспитани и зајакнати. Папата наведе и дека најголемиот број случаи со сексуално малтретирање деца се случува во семејствата, но дека тоа зло е уште поскандалозно кога ќе се случи во Католичка црква, бидејќи, како што посочил Франциск, тоа е сосема неспоиво со нејзиниот морален авторитет и етички кредибилитет“.