Опозициските партии во Британија одржаа средба на која разговараа на кој начин би можеле да го присилат премиерот Борис Џонсон да се придржува до легислативата која не дозволува брегзит без договор. Лидерите на опозициските партии се собраа во кабинетот на лидерот на лабуристите, Џереми Корбин, каде разговараа како да го притиснат Џонсон, кој на повеќе наврати нагласи дека нема да бара продолжување на рокот по 31 октомври и дека Британија ќе излезе од ЕУ на тој датум.
На средбата присуствуваше лидерот на Шкотската национална партија, Иан Блекфорд, лидерот на Либерал-демократската партија, Џо Свинсон, како и претставници од други опозициски партии и независни пратеници.
На средбата партиите дискутирале за глас без доверба, како би го симнале Џонсон и неговата влада доколку тој одбие да работи во согласност со законот, попознат како „актот Бен“ , според кој се спречува брегзит без договор кон крајот на октомври. Тие се согласија дека ќе ги разгледаат сите опции со кои би го спречиле излезот без договор, вклучувајќи и влада на национално единство која би го наследила Џонсон, во случај тој да не обезбеди мнозинство за глас на доверба.