Обидот за деактивирање на бомба од Втората светска војна се закомплицира утрово во Дрезден, по што бомбата делумно експлодирала, соопшти полицијата.
Засега нема информации за повредени во таа експлозија. Полицијата не ја исклучува можноста да дојде до уште една експлозија.
– Бомбата сè уште претставува потенцијална опасност – соопшти дрезденската полиција.
Операциите за деактивирање на бомбата се прекинати на неколку часа, за експлозивната направа да се олади, додаваат од полицијата.
Експертите утрово успеале да го отстранат детонаторот, но серијата искри довела до палење на изолациониот материјал и делумна експлозија.
Претходно екипата за деактивирање на бомбата се повлекла.
Според полициските податоци, поради деактивирањето на бомбата се евакуирани околу 8.700 граѓани во операцијата што почна во вторникот вечер.