Трамп од Белата куќа предупреди на можноста за многу подолг застој, за што ги обвинува демократите, кои одбиваат да го поддржат предлогот за финансирање на ѕидот на границата со Мексико со 5,7 милијарди долари од федералниот буџет
Делумната блокада на американската влада, предизвикана од барањето на претседателот Доналд Трамп за финансирање на изградбата на ѕид по должината на границата на САД и Мексико, неделно ја чини земјата повеќе од милијарда долари. Засега нема најави за прекин на блокадата, поради која најмалку 800.000 вработени се без плата. Трамп од Белата куќа предупреди на можноста за многу подолг застој, за што ги обвинува демократите, кои одбиваат да го поддржат предлогот за финансирање на ѕидот со 5,7 милијарди долари од федералниот буџет.
– Тие се задржуваат. Мене би ми биле потребни 15 минути за да постигнам договор и сите може да се вратат на работа – изјави Трамп во интервјуто за телевизијата Фокс.
Американскиот претседател демантира дека нема стратегија за прекин на делумната блокада на работата на федералната влада на САД, но не откри за каква стратегија станува збор. За Фокс, Трамп порача дека „нема идеја“ дали може да обезбеди договор со претседателката на Претставничкиот дом Ненси Пелоси, која се противи на неговото барање за изградба на ѕидот кон Мексико.
Демократите тврдат дека Трамп ја предизвикал блокадата на работата на државната управа одбивајќи план за финансирање договорен меѓу демократските и републиканските сенатори, бидејќи не вклучувал средства за изградба на заштитниот ѕид на американско-мексиканската граница.
Прекинот на работата што почна на 22 декември, е најдолг во историјата на САД и надмина прекин од 1995 до 1996 година, во време на мандатот на Бил Клинтон. Вработените во федерални служби со блокадата не добија први плати во петокот, што го зголеми стравот од финансиски притисок врз вработените.
Контролата на лет и службениците од аеродромски служби за безбедност продолжуваат да работат без плати. Околу 800.000 службеници не добиле плати, а некои од нив веќе почнале да продаваат недвижен имот или да организираат хуманитарни акции за собирање пари за да платат сметки. Од 1976 година досега имало 21 блокада на администрацијата и повеќето од нив биле кратки за да влијаат на економските околности.
– Колку е подолга блокадата подолго е страдањето – оценува Бет Ен Бовино, од „Ес енд Пи глобал рејтингс“.
Според неа, блокадата на администрацијата чини 1,2 милијарда долари неделно. Ако трае уште две недели, блокадата ќе чини колку и ѕидот – 5,7 милијарди долари.
Блокадите од 1995 и од 2013 година покажаа дека економијата може брзо да закрепне, но од крајот на февруари сиромашните семејства би можеле да останат без помош за храна, а во прекин е и работата на санитарните инспектори. Според американските медиуми, на фармерите не им се исплаќаат ниту субвенции за купување семиња и храна за стока, и вработените што имаат договор со Владата губат по 200 милиони долари на ден. Шефот на американската тајна служба задолжена за заштита на претседателот, предупреди дека финансиските тешкотии може да предизвикаат депресија кај вработените.
За 800.000 вработени последиците од делумната блокада не се мали. Според агенциите за недвижности, тие вработени имаат околу 438 милиони долари месечни обврски за наем или за отплата на хипотеки. Во делови од Вашингтон каде што живеат околу 20 отсто службеници, рестораните се празни, такси-возилата не се на улиците, а сообраќајните метежи целосно исчезнаа.
Демократите сметаат дека изградбата на ѕидот е неефикасен и застарен приод за сложениот проблем, но во Претставничкиот дом донесоа неколку закони што овозможуваат деблокада на Владата без финансирање на ѕидот, но Сенатот што е под контрола на републиканците, ги игнорираше.