Поранешниот италијански премиер Силвио Берлускони, кој беше хоспитализиран по заразaта со коронавирус, вели дека се бори против „ѓаволска болест“.

– Се борам против оваа проклета болест, многу е гадна – изјави 83-годишниот Берлускони преку телефонска врска на политички митинг на неговата партија „Форца Италија“.

Снимка од неговото обраќање, дел од кампањата за претстојните регионални избори, објави семејниот весник на Берлускони, „Ил Џорнале“.

Поранешниот премиер тврди дека тестовите во миланската болница „Сан Рафаеле“ покажале дека тој е меѓу првите пет пациенти според тежината на инфекцијата.

– Се борам најдобро што можам и се надевам дека ќе се вратам – рече тој.

Берлускони е во болницата од петокот. Таму му беше дијагностицирана пневмонија поврзана со ковид-19.

Поранешниот премиер, кој неговиот лекар еднаш го опиша како „технички бесмртен“, има долга историја на здравствени проблеми, почнувајќи од рак на простата пред дваесет години до операција на отворено срце во 2016 година и заплеткување на цревата минатата година.

Неговиот личен лекар, Алберто Зангриљо, кој работи во „Сан Рафаеле“, за РАИ изјави дека е оптимист затоа што Берлускони добро реагира на терапијата.