Битката за заштита на децата во конфликтите
Кога борци на Исламската држава пристигнале во Мосул, Ирак, тие со себе донеле голем број ветувања и подобар живот. Но, наместо тоа, училиштата за кратко време биле затворени а жителите станале затрореници во сопствениот град, открива 12-годишниот Усама Салем, пренесува „Гардијан“.
Џихадистите јавно егзекутирале деца, дел од нив ги регрутирале во нивните редови, а училиштата биле претворени во воени бази. Сега, за да стигне до училиштето, Салем мора да внимава да не настрада од неексплодирани бомби, како и да заобиколува купишта од урнатини сочинети од челик и скршено стакло.
– Бев шесто одделение кога училиштето се затвори. Бевме тажни. Покривот е пропаднат од воздушните напади на коалицијата што го ослободи градот во 2017 година – објаснува Салем.
За време на воените конфликти се прекршува едно од основните права на децата – правото на образование. Засега, единствениот меѓународен договор за заштита на училиштата и универзитетите од напади и ограничување на нивната употреба за воени цели е необврзувачката „Декларација за безбедни училишта“ од 2015 година. Само 104 од 193 земји-членки на ООН ја потпишаа декларацијата. Израел, Русија и Саудиска Арабија, сите обвинети за напади врз училишта и болници, се меѓу оние кои не го сторија тоа.
Според ООН, во 2019 година биле извршени над 25.000 случаи на тешки престапи врз деца. Ова вклучува убиства, осакатувања, силувања и други форми на сексуално насилство, киднапирања и забрана за пристап до хуманитарна помош. Истата година, воени групи беа одговорни за две третини од сите тешки повреди на правата на децата и регрутирање на 7.747 деца како војници во Демократска Република Конго, Сирија, Сомалија и Јемен, додека преостанатата третина била регрутирана од страна на владините сили.
Во јужен Судан, 15-годишниот Мојсеј бил сведок кога воена група го убила татко му, за подоцна истите убијци да го регрутираат и обучат да војува и да краде. Како иницијација, Мојсеј морал да егзекутира затвореник, а како награда добил „калашников“. Иако тој сега повеќе не е дел од милитантната банда, неговото ментално здравје е нарушено.
– Бев принуден да убијам толку многу невини луѓе од мојата земја. Едноставно престанав да ги бројам, беа толку многу – објаснува Мојсеј со погледот свртен кон земјата, кој сега има 18 години.