Владеењето на правото е принцип што го штити секој Американец од злоупотребата на монарсите, деспотите и на тираните
Автор: Вилијам Вебстер, поранешен федерален судија и директор на ФБИ и на ЦИА
Њујорк тајмс
Привилегијата да се биде единствен Американец во нашата историја кој бил директор на ФБИ и на ЦИА ми дава посебна перспектива и одговорност да зборувам за сериозната закана по владеењето на правото во државата што ја сакам. Редот ја штити слободата, а слободата го штити редот. Денес, интегритетот на институциите што го штитат нашиот граѓански ред, за жал, е под напад од страна на многу лица чија задача е да го штитат.
Владеењето на правото е столбот на американската демократија, принципот кој го штити секој Американец од злоупотребата на монарсите, деспотите и на тираните. Секој Американец треба да бара од нашите лидери да го стават владеењето на правото над политиката.
Многу ме вознемири тврдењето на претседателот Трамп дека нашиот „актуелен директор“, како што тој го нарекува човекот што го назначи на чело на ФБИ, не може да го поправи она што претседателот го нарекува нефункционална агенција. Десетгодишниот мандат што им се доделува на сите директори по 48-годишниот мандат на првиот директор Џ. Едгар Хувер беше со цел да се даде независност на директорот и на бирото. Многу ме погодуваат речиси отворените алузии на претседателот дека директорот Кристофер Вреј, како и неговиот протеран претходник Џејмс Коми, би можел да ја загуби функцијата. Независноста на ФБИ и на неговиот директор е од клучно значење и треба жестоко да се брани од секое ниво на владата.
Додека девет години бев директор на ФБИ, одговарав пред четири чесни јавни обвинители. Секој од нив ја знаеше важноста на владеењето на правото во нашата демократија и клучната улога на ФБИ во спроведувањето на нашите закони. Тие се бореа да ги заштитат двете нешта, знаејќи колку е важно нашето ФБИ да ја задржи независноста од секакво политичко влијание.
Како директор на ФБИ им служев на двајца претседатели, демократот Џими Картер кој ме избра делумно затоа што бев републиканец, и потоа републиканецот Роналд Реган кого го почитував. Двајцата претседатели толку многу ја почитуваа независноста на ФБИ што воопшто не се мешаа или влијаеја врз нашите активности. Никогаш не почувствував политички притисок.
Лично сум уверен во професионализмот на мажите и жените вработени во ФБИ. Клеветите упатени кон нив од страна на претседателот и мојот долгогодишен пријател, јавниот обвинител Вилијам П. Бар се крајно загрижувачки. Професионалците од ФБИ да се наречат „ѓубриња“ од страна на претседателот е страшно оцрнување на луѓето кои го ризикуваат својот живот за нашата безбедност. Обвиненијата за пристрасност во рамки на ФБИ од страна Бар, воедно не се базирани на никакви докази и директно се косат со откритијата на канцеларијата на Генералниот инспектор, ризикуваат да нанесат непоправлива штета врз оваа важна институција.
Државата не може да си дозволи шефот за спроведување на законот да го спори извештајот на независниот Генерален инспектор од министерството за правда и да тврди дека истрагата на ФБИ била базирана на „тотално бесмислен исказ“. Всушност, извештајот точно откри дека доказите се несоборливи за да се отвори истрагата за Русија. Беа забележани над 100 контакти меѓу членовите од тимот на Трамп и руски агенти за време на претседателската кампања од 2016 година, а и денес постојат руски обиди да се наруши нашата демократија. Драго ми е што ФБИ сериозно ја сфати заканата. Како што минатата недела порача Вреј, многу е важно што Генералниот инспектор откри дека „истрагата повторно била отворена според основани тврдења и дадена авторизација“.
Како адвокат и поранешен федерален судија, јасно покажав кога бев на чело на ФБИ и на ЦИА дека владеењето на правото е од суштинско значење во сите активности. Иако во двете агенции не може да постои совршенство, американскиот народ треба да сфати дека двете агенции се составени од најправедните, најпатриотските и најпосветени луѓе кои некогаш сум ги сретнал. Иако нивните активности и лица не се видливи во американската јавност, бидете сигурни дека тие чесно ѝ служат на нашата земја.
Имам целосна доверба во Вреј и знам дека ФБИ не е нефункционална институција. Таа е професионална агенција која треба да се почитува и поддржува. Исмејувањата и клеветите се опасни и неоправдани.
Јас сум длабоко разочаран од долгогодишниот и почитуван пријател Руди Џулијани кој го посвети својот живот да го брани нашиот народ од оние кои сакаат да му наштетат. Неговите последни активности во однос на Украина паднаа на тестот за морал. Се надевам дека тој, како и сите нас, ќе се насочи кон владеењето на правото, нашата ѕвезда водилка, која е толку скапоцена и поважна од секој поединец или администрација.
Во вакви тешки моменти потребно е да се врати угледот на министерството за правда и на ФБИ како браници на законот и редот во Америка. Тука не станува збор за политика, туку за владеењето на правото. Републиканците и демократите подеднакво треба да го бранат пред сè.
Со моите речиси 96 години бев сведок како нашата држава ги надмина тешките предизвици, како што се Големата депресија, Втората светска војна, Корејската војна, Виетнамската војна, сегрегацијата, атентатите, оставка на претседател, терористичките напади од 11 септември и многу други.
Ќе продолжам да верувам и да се молам за сите Американци да можат да ги надминат нашите разлики и да се стремат кон заедничката цел. Редот ја штити слободата, а слободата го штити редот.
Превод: Билјана Здравковска