На прославата по повод Денот на независноста во САД на 4 јули, која е организирана од страна на американскиот претседател Доналд Трамп, ќе упадне неочекуван гостин. Станува збор за озогласениот балон на кој е прикажан Трамп како бебе во пелени, висок седум метри, пренесува „Политико“.
Службата на националниот парк завчера издаде дозвола на феминистичката антивоена група „Коуд Пинк“ да го прикаже балонот во паркот за време на настанот „Поздрав до Америка“, во знак на протест на, како што опишаа од антивоената група, обидите на претседателот да го политилизира и милитализира Денот на независноста.
Но организаторите се справуваат со една пречка – тие сѐ уште немаат дозвола да го наполнат балонот со хелиум, за да може да се вивне во воздухот.
Балонот висок седум метри, го отсликува налутениот Трамп со неговата препознатлива фризура, кој носи пелени и држи телефон во раката.
„Бебето Трамп“ за првпат се појави за време на посетата на Трамп на Лондон минатата година и набрзо стана препознатлив низ целиот свет, особено на територијата на САД.
Трамп се соочи со бројни критики поради инсистирањето на прославата да се изнесат тенкови и друга опрема, откако беше сведок на слична таква парада на Денот на Бастилја во Париз во 2017 година. Иако тој план беше отфрлен откако локалните власти се побунија, сепак, беше одлучено тенковите и останатата воена опрема да бидат стационирани во близина.