Новоизбраниот претседател истакна дека враќање на душата на нацијата ќе биде една од главните негови цели како претседател. Според Бајден, ова е време за заздравување на Америка, притоа ветувајќи дека прва работа со која ќе се зафати веднаш по неговата инаугурација е справувањето со епидемијата на коронавирусот и дека „нема да штеди напори“ во борбата против заразата. Тој најави формирање група научници, кои ќе служат како транзициски советници за спроведување на неговиот план за справување со пандемијата веднаш кога ќе ја преземе функцијата во јануари
По неколкудневна сага и голема неизвесност во трката за претседател на САД, демократскиот кандидат Џо Бајден се подготвува да ја преземе претседателската функција во најмоќната држава во светот. По голема неизвесност, американските телевизии и новинските агенции во саботата вечерта ја прогласија изборната победа на Бајден по конечното доделување на електорските гласови од Пенсилванија на кандидатот на Демократската партија. Тоа беше доволно Бајден да го однесат над границата од 270 електорски гласови потребни за обезбедување на претседателскиот мандат. „Дојде време Америка да се обедини“, изјави Бајден, во својата прва изјава откако американските медиуми го прогласија за победник на претседателските избори.
Тој истакна дека враќање на душата на нацијата ќе биде една од главните негови цели како претседател. Според Бајден, ова е време за заздравување на Америка, притоа ветувајќи дека прва работа со која ќе се зафати веднаш по неговата инаугурација е справувањето со епидемијата на коронавирусот и дека „нема да штеди напори“ во борбата против заразата. Бајден најави формирање група научници, кои ќе служат како транзициски советници за спроведување на неговиот план за справување со пандемијата веднаш кога ќе ја преземе функцијата во јануари.
– Работата што е пред нас ќе биде тешка, но ви го ветувам ова, јас ќе бидам претседател на сите Американци, без разлика дали гласавте за мене или не – изјави на Бајден пред насобраните славеници во неговиот изборен штаб.
Во изјавата на Бајден објавена од неговиот профил на Твитер се наведува дека е почестен од тоа што американскиот народ им ја даде довербата нему и на новоизбраната потпретседателка Камала Харис.
Трамп не ги признава резултатите, најавува истрага
Во меѓувреме, сѐ уште актуелниот претседателот Доналд Трамп одбива да го признае поразот. За него, како што вели, изборите се далеку од завршени. Тој најави дека битката продолжува во судовите.
– Едноставен факт е дека изборите се далеку од завршени – соопшти вчера Трамп, откако беше објавено дека Бајден веќе има недостижна предност во Изборниот колеџ.
– Почнувајќи од понеделник, нашата кампања ќе почне судски случај да се обезбеди дека изборните закони се целосно спроведени и оти ќе биде избран вистинскиот победник – стои во соопштението од Изборниот штаб на Трамп.
Странските лидери му честитаат на Бајден
Во исто време земјите сојузнички на Америка брзо го поздравија изборот на Џо Бајден за следен претседател на САД. Како што пренесува АП, Германија го оцени како „ново и возбудливо поглавје“ во трансатлантските односи, а другите изразија желба за брзо започнување на соработката со новата администрација, кога ќе ја преземе функцијата. Германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека со нетрпение ја очекува идната соработка со претседателот Бајден.
– Нашето трансатлантско пријателство е незаменливо ако сакаме да ги совладаме големите предизвици на нашето време – рече Меркел.
Слично како Меркел, и канадскиот премиер Џастин Трудо во името на Владата на Канада им честиташе на Џо Бајден и на Камала Харис за изборот за следен претседател и потпретседател на САД.
Британскиот премиер Борис Џонсон, кој многумина го сметаат за близок сојузник на Трамп и негов поддржувач, им честиташе на Бајден и на Харис за „историската победа“. Честитки испрати и францускиот претседател Емануел Макрон. Паралелно на ова и Урсула фон дер Лејен во име на Европската комисија напиша дека ЕУ и САД се пријатели и сојузници.
Во исто време изборот на Бајден и на Харис го поздравија и македонските политичари. Претседателот Стево Пендаровски им ја честиташе победата на својот профил на Фејсбук и напиша дека очекува македонско-американското стратегиско партнерство да продолжи.
Инаку, Бајден ја освои Пенсилванија со околу 34.400 гласа разлика, освојувајќи 49,6 проценти од вкупните гласачки ливчиња, наспроти 49,1 проценти на претседателот Доналд Трамп. Со тоа тој ги доби 20-те гласа што Пенсилванија ги носи во Изборниот колеџ. Со гласовите од Пенсилванија, Бајден добива најмалку 273 гласа, а сè уште не е завршено пребројувањето на гласовите во Аризона, Невада, Џорџија и во Северна Каролина. Некои американски медиуми јавија дека и Аризона му ги дала своите 11 гласа на Бајден. Фокс њуз јави дека Невада ги дала своите шест гласа за Бајден. Откако медиумите јавија за победата на Бајден, неговите поддржувачи почнаа да прославуваат во многу градови во Америка. Доколку неговата победа биде потврдена, Бајден би ја презел функцијата на 20 јануари 2021 година.
Кој е Џо Бајден?
Бајден, кој треба да наполни 78 години подоцна овој месец, е најстарата личност некогаш избрана за претседател на САД. Џо Бајден во два мандата беше потпретседател на САД во времето на претседателот Барак Обама, и е долгогодишен сенатор. Тој победи на изборите во третиот обид да стигне до Белата куќа, со што става круна на својата кариера од речиси половина век. Бајден беше американски сенатор повеќе од три децении.