Основачот на Викиликс, Џулијан Асанж, нема да биде екстрадиран на земјите во кои му се заканува смртна казна, рекол британскиот министер за Европа, Алан Данкан.
– Тоа е основниот услов кој го договоривме, дека нема да дозволиме да биде екстрадиран на место каде би можело да добие смртна казна. Таа гаранција е цврста – рекол Данкан.
Асанж е во САД обвинет за шпионажа и Вашингтон бара негова екстрадиција. Рочиштето по тоа барање е закажано за крај на февруари следната година во Велика Британија.
САД го обвинува дека ја загрозил безбедноста на нивните дипломати и војници, кога Викиликс во 2010 година објави 250.000 дипломатски документи и околу половина милион доверливи предмети за активностите на американската војска во Ирак и Авганистан. Исто така, Асанж е обвинет и за заговор со некогашната воена аналитичарка Челзи Менинг, која му ги доставила документите.