Според генералниот секретар на НАТО
Армиите ширум светот треба да држат чекор со глобалните обиди за справување со климатските промени и да се борат за намалување на нивото на јаглерод диоксид во атмосферата според јасно дефинирани одредници, смета генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, пренесува „Ројтерс“.
Столтенберг спомена дека досега постојат малку податоци за тоа колку всушност изнесуваат емисиите на штетни гасови предизвикани од активностите на армиите.
– Не постои начин да ги намалиме стакленичките гасови, без притоа да се намалат емисиите кои ги предизвикуваат армиите – изјави Столтенберг за време на интервју на климатската конференција КОП26.
Цел на повеќе земји е да достигнат степен од нула-емисии на стакленички гасови до 2050 година. Столтенберг изјави дека веќе е започната методологија за мерење на стакленичките гасови предизвикани од армиите на НАТО-алијансата, а се верува дека резултатите ќе бидат познати до крајот на 2022 година.
Столтенберг признава дека армиите на Алијансата предизвикуваат значителен степен на загадување, но исто така посочи дека постојат и различни начини на кои војската прави напори да го реши тој проблем. На пример, армијата на САД поставува соларни панели во нејзините бази, британската армија е во потрага по алтернативни горива, а во Шпанија постојано се садат дрвја во воените бази.
– Енергетската револуција е започната во граѓанското општество. Сето ова што го правиме е со цел да држиме чекор со таа трансформација – изјави Столтенберг.