Апсењето на Британката Гизлејн Максвел во САД, вчера, претставува значителен развој во истрагата за осудениот сексуален престапник Џефри Епстајн и на дел од луѓето од неговите кругови, по самоубиството на богатиот финансиер во неговата затворска ќелија во Њујорк, минатата година, пишува „Гардијан“. Светските медиуми наведуваат дека Максвел била блиска со Епстајн кој имал голема доверба во неа, а според одредени информации тие биле и во романтична врска.
Апсењето од страна на ФБИ во Брадфорд, во американската сојузна држава Њу Хемпшир, стави крај на слободата на Максвел. Отсуството на интерес за неа од страна на полицијата во изминатите две години привлече внимание од страна на многумина што го следеа случајот на Епстајн и се прашуваа зошто некој толку близок до него, кој и самиот е предмет на сериозни обвинувања, останал на слобода толку долго.
Но нејзиното апсење остава неодговорени бројни важни прашања. Каде Максвел се криеше во текот на изминатата година? Каква е наводната улога на Максвел во злоставувањето спроведено од страна на Епстајн? Што значи нејзиното апсење за принцот Ендрју? Ќе бидат ли достапни повеќе информации за Епстајн и дали ќе има уште апсења?
Во пресрет на апсењето постоеја шпекулации дека Максвел се наоѓа во Бостон. Максвел негираше учество во масовното злоставување на жртвите на Епстајн. Но обвинението на ФБИ ја товари за секс-трговија со млади жени и тврди дека Максвел „била присутна и учествувала во злоставувањето“.
Војводата од Јорк, принцот Ендрју, исто така, во повеќе наврати негираше дека сторил нешто лошо додека се дружел со Епстајн. Но, тој наводно, бил близок пријател и со Максвел, па извесно е дека нејзиното апсење ќе поттикне прашања за друштвото на принцот.
Жртвите сметаа дека смртта на Епстајн ја ускратила можноста за детално истражување на неговите злосторства. Но, обвиненијата за Максвел би можеле да им пружат нова прилика доколку дојде до судење.
Епстајн и Максвел беа познати по нивниот друштвен живот воден меѓу џет-сетот на моќниците од светот на политиката, уметноста, забавната индустрија и науката. Има шпекулации околу можните сознанија на Максвел за активностите на нивните моќни пријатели.