Кралицата на Европа беше еден од бројните прекари на германската канцеларка во заминување Ангела Меркел, која ќе ја напушти политиката по изборите закажани месецов. Меркел е со убедливо најдолг стаж меѓу сегашните лидери на ЕУ. Таа учествуваше на околу 100 самити на ЕУ, на кои честопати беше сметана за најодговорната политичарка. Германската лидерка ќе се памети и по водењето на европскиот блок низ мигранската криза, пандемијата и низ брегзит. Но нејзиното политичко наследство може да се гледа и од поинаков агол, пишува „Би-би-си“ во написот насловен „Кралицата на ЕУ со избледена круна“.
Критиките со кои таа се соочи дома, според кои за време на 16-те години поминати на функцијата, вообичаено чекаше до последен миг за да реагира во кризните ситуации, можат да се припишат и на нејзиниот учинок на европската сцена. Меркел исто така е сметана за прагматичарка, а не за визионерка.
– Може да се каже дека Меркел ќе го остави европскиот блок во ослабната позиција и без јасни цели, што можеше да биде поинаку доколку таа ја поинаку ја искористеше нејзината долгогодишна репутација како лидерка на најбогатата и највлијателна држава во ЕУ – наведува авторката Катија Адлер.
Во прилог на овие тврдења се истакнува кризата во еврозоната од 2015 година. Тогашниот грчки министер за финансии Јанис Варуфакис признава дека Меркел го спасила еврото, овозможувајќи тоа да остане валута на Грција, наспроти финансиските проблеми на државата. Но истовремено посочува дека Меркел потоа немала конкретна визија за еврозоната.
– Меркел интервенираше да ја спаси еврозоната, но истовремено испровоцира и длабоки внатрешни поделби помеѓу северот и југот во ЕУ. Тие поделби повторно излегоа на виделина за време на мигрантската криза и избивањето на пандемијата на ковид-19. Токму затоа се смета дека миселењата за наследството од политиката на Меркел се поделени – се истакнува во анализата на „Би-би-си“.
Кој и да биде следниот германски канцелар, тој или таа ќе има значително помало искуство во однос на Меркел. А се смета и дека францускиот претседател Емануел Макрон ќе има амбиции да ја пополни празнината во ЕУ, што ќе остане по заминувањето на германската канцларка. Доколку Макрон успее во својата намера, европскиот блок би можел да помине низ големи промени, заклучува британскиот медиумски сервис.