Американскиот претседател Доналд Трамп викендов, во своето обраќање до јавноста од Белата куќа, предупреди дека следуваат најтешките недели во борбата против пандемијата на ковид-19 и дека може да се очекува зголемување на бројот на смртни случаи.
– Ќе има многу смртни случаи, за жал. Изгледа дека во Њујорк ќе биде многу тешко – рече Трамп. Тој истакна дека илјадници војници ќе бидат распоредени во државите за да помогнат во борбата со ширењето на коронавирусот. Американскиот претседател најави и дека 29 милиони дози лекови против маларија ќе бидат ставени во националните резерви наменети за пациентите со коронавирус и нагласи дека медицинската заштита и опрема ќе им се испорачува најпрво на оние на кои им е најприоритетна. Претседателот рече дека не сака оваа состојба да трае со месеци, туку посакува САД што побргу да се отворат кон светот.
Инаку, Америка засега е на првото место по бројот на заболени од ковид-19. Заразени се повеќе од 300 илјади луѓе, додека најмалку 8.000 починаа. Во најтешко погодената држава Њујорк има 114.774 заболени и 3.565 починати. Во последните 24 часа починале 630 луѓе, што е најсмртоносниот ден во Њујорк од почетокот на епидемијата. Американскиот претседател Трамп наведе дека Њујорк ќе добие 1.000 респиратори од Кина.