Кампањата, која ја поддржаа над 300 медиуми во САД, ја иницира весникот „Бостон глоуб“, кој минатата недела ги повика медиумите во земјата да објават уреднички коментари со критика на валканата војна на актуелниот шеф на Белата куќа против медиумските организации и новинарите

Повеќе од 300 американски медиуми вчера почнаа кампања за слобода на печатот, како реакција на нападите врз новинарите од страна на претседателот на САД, Доналд Трамп. Кампањата ја иницира весникот „Бостон глоуб“, кој минатата недела ги повика американските медиуми да објават уреднички коментари со критика на валканата војна на Трамп против медиумските организации и новинарите. Трамп досега повеќепати ги квалификува медиумите како „лажни вести“, а за новинарите порача дека се непријатели на народот.

Во уредничкиот коментар со наслов „Новинарите не се непријатели“, „Бостон глоуб“ посочува дека слободата на печатот е суштина на американскиот принцип повеќе од 200 години, а за нападите на администрацијата во Вашингтон врз медиумите оценува дека се многу опасни.

– Големината на Америка зависи од способноста на слободниот печат да им ја кажува вистината на одговорните. На печатот да му се лепи етикета на непријател на народот, неамерикански е и опасно за граѓанскиот принцип – пишува бостонскиот весник
Од друга страна, „Канзас Сити стар“ ги изедначи нападите на Трамп врз медиумите со задушувањето на критичарите од страна на советскиот диктатор Сталин.
– Насекаде во светот секое нешто за кое одреден висок функционер не сака да зборува или за кое читателот не сака да слуша, денес се квалификува како лажна вест – наведува „Канзас Сити стар“

Солидарност со американските медиуми изрази и британски „Гардијан“, кој во својот коментар оценува дека Трамп е првиот претседател што води смислена и конзистентна политика на поткопување, делигитимирање, па дури и загрозување на работата на медиумите.

– Слободата на медиумите не е измислена во САД, но има само малку држави во кои значењето на независниот печат имаше толкаво големо влијание во историјата како што беше случај во оваа земја. Славната американска традиција на почитување и говорење на вистината денес е загрозена, пишува „Гардијан“.

„Бостон глоуб“ минатата недела упати апел до уредниците на американските весници на 16 август да објават уреднички коментари координирано да одговорат на кампањата на Трамп против медиумите и загрозувањето на слободата на говорот. Според весникот, уредничките колегиуми треба да застанат во одбрана на слободата на медиумите независно од нивниот генерален став кон политиката на актуелниот шеф на Белата куќа.


За републиканците, медиумите се непријатели на народот

Најновите анкети покажуваат дека мнозинството републикански гласачи сметаат дека медиумите се непријатели на народот, а не важен дел на демократијата. Според истражувањето на универзитетот „Квинипиак“, 51 отсто од републиканските гласачи имаат негативен став кон медиумите. Истовремено, 52 проценти од републиканските испитаници изјавиле дека не се загрижени оти критиките на претседателот Доналд Трамп може да доведат до насилство врз новинарите во земјата.
Од друга страна, неодамнешната анкета на Ипсос покажува дека 23 отсто од републиканците и една осмина од сите Американци сметаат дека Трамп би требало да ги затвори големите медиуми, како што се телевизијата Си-ен-ен и весниците „Вашингтон пост“ и „Њујорк тајмс“, пренесува Би-би-си.


Бренан: Трамп сака да ја ограничи слободата на говорот

Бившиот директор на американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА), Џон Бренан, го обвини претседателот Доналд Трамп за обид за ограничување на слободата на говорот и за казнување на критичарите, поради одлуката да му забрани пристап до доверливи информации.
– Тоа треба да ги загрижи сите Американци, вклучувајќи ги и разузнавачките професионалци, за цената што ја плаќаат кога ќе проговорат јавно. Моите принципи вредат повеќе од пристапот до информации. Нема да се повлечам – порача Бренан.
Трамп претходно му забрани на Бренан пристап до доверливи информации, обвинувајќи го дека го злоупотребувал пристапот до нив и дека „сее хаос и поделби“ во американската администрација. Според високи извори од Белата куќа, Трамп најверојатно ќе им забрани пристап до доверливи информации и на некои други поранешни високи официјални претставници на администрацијата во Вашингтон, но нивните имиња засега не се откриваат.