Вселенските сили на САД бараат начини за развој на соработката со европските држави со цел да се противстават на заканите во орбитата од Русија и од Кина, според генералот Џон Рејмонд, првиот човек на вселенската команда во Пентагон, пишува „Политико“.
– Видовме што сторија Кина и Русија во развојот на низа капацитети дизајнирани за да го спречат нашиот пристап до вселената – изјави Рејмонд по состаноците во Луксембург, Белгија, Холандија и во Шпанија, чија цел беше придобивањето поддршка за мерките што треба да пружат стабилност во орбитата.
Рејмонд додаде дека Пекинг и Москва создале системи за попречување и сателити со офанзивно вооружување, покрај ракетите поставени на Земјата способни за уривање на вселенските летала.
– Вселената преминува од мирно до натпреварувачко и оспорувано поле – нагласи генералот.
Франција и Обединетото Кралство исто така покренаа вселенски единици во изминатите неколку години и Рејмонд истакна дека САД веќе се во разговори со двете држави, како и дека постои план за проширување на соработката. Германија месецов исто така доби сопствена вселенска единица.
Американските вселенски единици имаат 6.400 активни припадници кои работат на функционирањето на воените сателити, како и на нивната одбрана, заедно со навигацијата и со надзорот од системите како што е ГПС.