Поранешен американски маринец Пол Вилан, кој е во затвор во Русија под обвинение за шпионажа, го повика американскиот претседател Џо Бајден „агресивно да дискутира и да го реши проблемот“ на затворените американски државјани кои се користат за политички цели.
Во телефонско интервју за „Си-ен-ен“ од затворот каде што служи 16-годишна затворска казна, Вилан изјави дека има надеж оти Бајден и рускиот претседател Владимир Путин ќе најдат решение за време на нивната средба во Женева.
– Не станува збор за проблем кој Русија го има со мене. Станува збор за проблем на Русија со САД, проблем на кој САД треба да одговорат и да го решат што е можно побрзо – смета Вилан.
Неговото семејство изрази оптимизам дека администрацијата на Бајден би можела да помогне во случајот, особено откако рускиот претседател Владимир Путин му честиташе на Бајден за изборот.
Вилан се вклучил во маринскиот корпус во 1994 година и бил наредник во војната во Ирак од 2003 до 2008 година. Во јануари 2008 година, тој добил пресуда од воен суд под обвинение „поврзаност со кражба“, според неговото официјално досие. Тој бил обвинет за обид за кражба на 10.000 долари од владата додека служел во Ирак и дека користел лажни податоци во владиниот компјутерски систем за сам да го оцени напредувањето во службата. На крајот бил отстранет од армијата поради лошо однесување. Вилан работел како шеф на безбедност во меѓународен производител на автомобилски делови кога бил уапсен. Граѓанин е на четири држави, односно на САД, Велика Британија, Република Ирска и на Канада, и сите четири пасоши му се валидни.
Вилан тврди дека е невин по неговото апсење во хотел во Москва во 2018 година, кога беше обвинет дека поседува усб-уред кој содржел државни тајни. Сметајќи дека е жртва на тајна операција, Вилан инсистираше дека бил во Русија за да присуствува на свадба на пријател и дека го добил спорното усб од руски познаник. Вилан потоа беше осуден на 16-годишна затворска казна која ја издржува во Мордовија на околу 320 километри источно од Москва.
Вилан кој е затворен во Мордовија, ги минува деновите работејќи во фабрика за облека. Во интервјуто со „Си-ен-ен“ тој додаде дека во затворот е многу тешко да се добие пристап до медицинска нега, дека има постојана кашлица, но и покрај тоа, Вилан се обидува да одржи позитивен начин на размислување во врска со ситуацијата во која се наоѓа. Тој вели дека е среќен што приквечер, кога има слободно време, тој пишува писма на англиски, а исто така ужива во читањето на книгите кои се на англиски јазик, што му помага да го задржи умот.