Бруто-домашниот производ на САД за декември е пократок за 0,1 отсто или три милијарди долари, како последица на делумната блокада на Владата, додека за јануари оваа сума изнесува осум милијарди долари, соопшти Управата за буџет на американскиот Конгрес.
Најголем дел од тие 11 милијарди долари ќе може да се компензираат со деблокадата на работата на Владата, додека неповратната загуба изнесува околу три милијарди долари. Главниот удар го претрпија федералните службеници поради задоцнетите плати, но и приватните фирми ангажирани од федералните агенции, се вели во извештајот на управата. Покрај тоа, управата предвидува дека новите увозни царини воведени од администрацијата на Доналд Трамп ќе го чинат Вашингтон 0,1 отсто од годишниот БДП во текот на следните десет години. Агенцијата „Стандард енд пур“ ги оцени загубите на американската економија од блокадата на шест милијарди долари.
Во историјата на САД никогаш досега не се случила блокада на федералната влада со должина од 35 дена. Причината за блокадата беше поради одбивањето на Трамп да го потпише буџетот додека не бидат усогласени мерки за изградба на ѕид на границата со Мексико, кој чини 5,7 милијарди долари. Демократите во Конгресот одбија да ги усвојат овие мерки. Сепак, претседателот отстапи и во петокот го потпиша привремениот буџет, со што Владата беше одблокирана. Буџетот за финансирање на американската влада истекува на 15 февруари.